Невремето во Србија оштети патишта и мостови кај Чачак и Пожега

Поради обилните врнежи од минатата ноќ во Србија причинета е штета на инфраструктурата во реонот на општините Горњи Милановац, Чачак и Пожега, јави дописникот на МИА од Белград.

Реката Каменица го оштети мостот во Богданица, го однесе патот на неколку домаќинства во Мршељи, кои во моментов се отсечени. Жителите од краишта околу Чачак велат дека се поплавени и куќите, а оштетени се неколку патишта.

Мостот на реката Чемерница, кој ги поврзува месните заедници Миоковци и Горња Горевница, е урнат и сообраќајот е во прекин.

Во регионот на Ужице, водостајот на надојдената река Ѓетиња опаѓа.

Поради огромните врнежи, реката Каменица се има излеано на повеќе локации, изјави за Нова.рс Братислав Зечевиќ од Цивилната заштита на Чачак.

 

извор: МИА