Во општина Тетово наскоро ќе мора да се одржат нови локални избори, на кои ќе се избираат нови членови на Советот на општина Тетово, откако Владата денеска донесе одлука да го распушти Советот во неговиот сегашен состав, јави Порталб.мк, повикувајќи се на информација од Владата.
Денешната одлука на Владата уследи по прекршувањето на ставот 2 од членот 75 на Законот за локална самоуправа, со што се овозможува Владата во рок од еден месец од непостапување од страна на Советот на општина Тетово да донесе одлука за распуштање на совет на општина. Овој краен рок, во конкретниот случај, истекол на 9 јуни.
Советот на општина Тетово не ја усвои завршната сметка на општинскиот буџет за 2021 година до истекот на крајниот рок, 31 март годинава.
Градоначалникот на Тетово, пак, го прекршил членот 33 од Законот за финансирање на локалната самоуправа бидејќи не го поднел нацртот на завршната сметка до Советот до крајниот рок, 28 февруари. Советот требало да ја усвои завршната сметка за 2021 година до 15 март, па таа да се поднесе во Министерството за финансии најдоцна до 31 март, појаснува Порталб.мк.
Министерството за локална самоуправа на 5 мај прими известување од Општина Тетово дека се постигнати условите за распуштање на Советот на општината, а потоа за Порталб.мк на 9 мај информираше дека поднело предлог за распуштање до Владата.
Од Државната изборна комисија велат дека според членовите 16 и 159 од Изборниот законик, вонредните локални избори за советници во Општина Тетово ќе се распишат по исполнување на условите од Законот за локална самоуправа.
извор: Порталб.мк
фото:Порталб.мк