DW: Заврши 49-годишната „виски војна“ меѓу Данска и Канада

Речиси 50 години двете држави спореа околу суверенитетот на пуста карпа среде Арктичкиот појас. Двете влади сега конечно се согласија да го поделат малиот остров на половина.

Територијалниот спор меѓу Данска и Канада околу една неплодна и ненаселена карпа во Арктикот, кој доведе до повеќедецениски недоразбирања заврши откако двете земји се согласија да го поделат малиот остров.

Согласно договорот кој треба да биде потпишан во вторник, на островот Ханс, со големина од 1,3 квадратни километри, ќе биде исцртана граница на средината. Островот, кој се наоѓа во водната површина меѓу полуавтономната данска територија Гренланд и канадските острови Елесмер, нема никакви минерални резерви.

„Ова испраќа јасен сигнал дека може да се решаваат гранични спорови на прагматичен и мирен начин при што сите страни испаѓаат победници“, изјави данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод.

Во 1973 година, Канада и Данска се согласија да исцртаат граница низ Теснецот Нарес, на половина пат меѓу Гренланд и Канада. Но не успеаја да се договорат која од двете земји ќе има суверенитет врз островот Ханс, кој се наоѓа на околу 1.000 километри јужно од Северниот пол. На крајот, се согласија да ги решат правата на сопственоста подоцна.

Шишиња насекаде

Но, во годините кои следуваат, територијалниот спор, од медиумите наречен и „виски војна“, повеќепати исплива на површина.

Во 1984, данскиот министер за Гренланд го посети островот и на него постави данско знаме, и закопа шише данска ракија под него оставајќи порака на која пишуваше: „Добредојдовте на данскиот остров“.

Потоа и Канаѓаните го поставија нивното знаме и закопаа шише канадско бренди. Оттогаш, во повеќе наврати, двете земји наизменично ги ставаат своите национални знамиња придружувани од шишиња со жесток пијалок.

Во 2022, Нана Фелнсбург била дел од данска воена експедиција и стоела на карпата додека се изведувала церемонијата на поставување на знамето. Во интервју за весникот Политикен во вторникот таа раскажува дека насекаде под нејзините нозе имало шишиња со алкохол и пораки кои ги документирале претходните посети на островот од разни делегации.

Договорот ќе влезе во сила откако парламентите во двете земји ќе го одобрат и ќе мине низ неопходните процедури.

 

 

Дојче Веле