Подобар предлог од францускиот нема да добиеме. Бугарија веројатно успеала да ја убеди Франција да биде гарант за прашањата со PCM, вели бившата министерка за европски прашања, Гергана Паси
Иронија или коинциденција? Пред четири години, на 17-ти јуни 2018 година министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија во селото Нивици на грчка страна од Преспанско Езеро го потпишаа Договорот од Преспа, со очекување тој да го отвори и македонскиот пат кон ЕУ. Со решавањето на спорот за името кој траеше 27 години, Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО. Но, четири години по тој Договор и 17 години од кандидатскиот статус, РСМ сѐ уште ги нема почнато пристапните преговори со Унијата. Прва пречка беше француското барање за нова методологија во процесот на пристапување, а потоа бугарското вето.
На денот кога РСМ повторно се потсетува дека европската перспектива сѐ уште ѝ е затворена, следува нова неизвесност – што содржи предлогот за можна деблокада на процесот, кој сега е во рацете на француското претседателство и ќе биде испратен до членките на ЕУ?
Содржината на тој предлог, кој француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин, требаше да го достави до бугарската влада, а Владата до Комисијата за надворешна политика во бугарското собрание, веќе наликува на стелт авион. Сите говорат за него, а никој не го видел. Во оптек е единствено шпекулацијата дека Франција има предлог за укинување на бугарското вето за Северна Македонија, со кој наводно бугарските барања се вклучени во преговарачката рамка на РСМ, а ЕУ да биде гарант за нивното исполнување.
Од друга страна, се шпекулира и дека тоа би се однесувало само на прашањето – дали Северна Македонија ќе ги внесе Бугарите во македонскиот Устав. Но, копретседавачот на владејачката партија „Демократска Бугарија“, Христо Иванов, вчера оцени дека „тоа е најважниот параметар во францускиот предлог за европски гаранции, и ако не се случи, тогаш РСМ нема да може да почне преговори за првото поглавје“.
Блиц дебата?
Разликата меѓу единствен и „најважен параметар“, остава сомнежи дали и колку други билатерални прашања се вклучени во преговарачката рамка, што би било преседан за ЕУ, но и неприфатливо за РСМ, затоа што на тој начин едно вето би можело да биде заменето со десетици потенцијални вета.
„Ако е така (сите барања на Бугарија бидат дел од преговарачката рамка -н.з.) ова е нокаут за македонската дипломатија“, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на „Канал 5“.
Иако во моментов официјално не се знае што содржи предлогот, во бугарското општество тој веќе се коментира, што индицира дека сепак „нешто се знае“. Поранешната министерката за европски прашања, Гергана Паси за бугарската „Нова њуз“ изјави дека „подобар предлог од францускиот нема да добијат“.
„Со обврската собраниската Комисија за надворешни работи да расправа за промени во националната позиција, се бара побрз начин за информирање на јавноста и донесување одлуки. Ќе има блиц јавна дебата на која ќе се разговара за условите за укинување на ветото. Подобар предлог од францускиот нема да добиеме. Бугарија веројатно успеала да ја убеди Франција да се вклучи како гарант во билатералните прашања со PCM. Условите за РСМ ќе бидат запишани во условите за отворање на поглавјето „Општи прашања“, изјави Паси, додавајќи дека Бугарија си го задржува правото да стави вето доколку се прекрши договореното.
Таа не е убедена дека Украина ќе добие статус на земја -кандидат за членство во ЕУ.
„Проблематично е што земјите од Западен Балкан сѐ уште не се интегрирани во европското семејство“, вели поранешната министерка.
Комисијата не е парламент
Но, од ГЕРБ не се согласуваат со заобиколување на парламентот преку собраниска Комисија.
„Премиерот Петков во повеќе наврати изјави дека ништо нема да се случи без парламентот. Но, Комисијата за надворешни работи не е парламент. Тоа е помошно тело на парламентот и одлуките ги носи пленарната сала, а не Комисија за надворешни работи. Не знам какви тенки сметки направиле и како си замислуваат дека Комисија за надворешни работи ќе одобри одлука која не ги штити националните интереси на Бугарија или излегува од преговарачката рамка и од Декларацијата на Парламентот од 2019 година. Тоа не може да се случи ни по Устав, ниту по закон. Сметките им се погрешни“, оцени поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.
Таа нагласи дека „францускиот претседател Емануел Макрон или германскиот канцелар Олаф Шолц не можат со декларација или писмено да ги гарантираат праведните бугарски барања до РСМ доколку тие не влезат во преговарачка рамка“.
Заменик- координаторот на пратеничката група на ГЕРБ, Тома Биков, смета дека Петков не ѝ прави услуга на РСМ.
„Прашањето за Северна Македонија е неразбирливо за Кирил Петков, кој со неговите постапки само го продлабочува проблемот. Петков не ја разбира длабочината на прашањето и нема да може да го реши. Во моментов тој ѝ пречи на Македонија да тргне кон еврочленството и да се подобрат односите меѓу Софија и Скопје. Кирил Петков ги излажа Македонците дека ќе ги пушти во ЕУ, што и да се случи. Јас сум убеден во тоа, познавајќи го неговиот начин“, вели Биков.
Договорот од Преспа ги постигнува целите
Во македонскиот политички врв и натаму се воздржани во очекувањата од францускиот предлог.
„Брисел треба да истапи и директно да ни каже – ова е нашиот план за вас, навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла. Во спротивно, сѐ повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект и автократските режими сѐ повеќе ќе се зајакнуваат во регионот“, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на форумот за дијалог што вчера започна во Охрид, а го носи името „Преспа“.
ДВ побара оценка од претседателот за досегашните придобивки од Преспанскиот договор.
„Иако историската дистанца сè уште е релативно кратка, заклучокот е јасен – Договорот ги постигнува целите поради кои беше склучен и со тоа ја потврдува исправноста на тогаш донесената политичка одлука. Прво, ако тргнеме од актуелниот контекст, а, имајќи ја во вид руската агресија врз Украина, јасно е дека со Договорот и неговата директна последица – членството во НАТО донесовме навремена, разумна и државничка одлука“, вели Пендаровски.
Претседателот посочува дека со тој Договор Грција го признала правото на самоопределување на македонскиот народ со сите негови лингвистички и културни посебности – македонскиот јазик, националната македонска култура и идентитет.
„Притоа, Договорот не дозволи историските несогласувања да имаат приоритет над иднината и во таа насока ја разграничи Хеленската цивилизациска традиција од нашата македонска словенска традиција, а сите спорни прашања ги остави да ги решава историската наука без поставување на рокови како притисок од политиката врз науката. Преспанскиот договор ги постави билатералните односи меѓу нашите држави на стабилни основи, овозможувајќи развој на политичката и економската соработка и инвестициите што е стратешки важно за нас имајќи го предвид значењето на Грција и на нејзините пристаништа. Првата посета на еден македонски претседател во историјата и фактот дека официјалните разговори во Атина се водеа на македонски и грчки јазик, доволно зборува за тектонските промени што се случија во билатералните односи. Конечно, Преспа е уникатен пример за постигнување на решение за исклучително комплексно прашање на мирен начин, со дипломатски средства. Со тоа, Договорот постави цивилизациски стандард за решавање на споровите во регионот и пошироко, кој тешко ќе може да биде занемарен во идни слични ситуации“, изјави Пендаровски за ДВ.
Дојче Веле