Сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 утре излегуваат на протест

Утре на пладне пред Влада Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 ќе одржи протест на кој ќе побараат итно решавање на бројните проблеми во Градскиот трговски центар во Скопје и примена на законската регулатива.

Сопствениците на дуќаните во ГТЦ веќе подолго време алармираат на недомаќинското управување на АД ГТЦ, како што велат на штета на нивниот имот и на имотот во сопственост на државата.

Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 бараат директни договори за снабдување со лиценциран снабдувач на електрична енергија, заедничко управување од сите сопственици на деловен простор во ГТЦ, договори за парно греење со лиценциран снабдувач, климатизација и греење контролирано од органот за заедничко управување во ГТЦ, договори за водоснабдување со питка вода со лиценциран снабдувач, времено затворените дуќани да плаќаат елементарна такса за одржување и да се исклучат од системот за греење/ладење и климатизација, АД ГТЦ за деловниот простор што го има во сопственост да плаќа исти давачки како што плаќаат сите други сопственици (грееење, ладење, климатизација, електрична енергија, вода,комунален отпад, одржување).

Сите барања се во согласност со постоечката законска регулатива и заклучоците на Републичката комисија за енергетика, Регулаторната комисија за домување и Министерството за транспорт и врски, велат од здружението.

АД Градски трговски центар – Скопје е акционерско друштво регистрирано според Законот за трговски друштва и управува со 600 различни сопственици на деловни простории и повеќе од стотина станбени единици во кулите.

фото: АРХИВА