Со еден твит, еврокомесарот Вархеји успеа да ги урниса веродостојноста на ЕУ, преговарачкиот процес меѓу Скопје и Софија, и да им плукне во лице на сите проевропски сили во Македонија. Коментар на Борис Георгиевски
Европската унија, односно Европската комисија како нејзин извршен орган, низ годините направија толку гафови и грешки кога е Македонија во прашање, се изредија толку неисполнети и празни ветувања, што веќе не можат да се добројат. Но никогаш, или таков барем бил впечатокот од двете страни, тие „инциденти“ не биле со свесна намера да ја нарушат веродостојноста на ЕУ, од една страна, и достоинството на Македонија, од друга.
Актуелниот комесар за проширување Оливер Вархеји, во четвртокот, со еден твит успеа да ги урне и кредибилетот на институцијата која ја претставува и дигнитетот на земјата за чиј напредок, навидум, се бори.
„ЕУ ги зема сите бугарски загрижености многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес“, твитна меѓудругото Вархеји додавајќи доза патетика со повици за „одговорни одлуки“, „Западен Балкан треба да биде дел од нашата ЕУ“ и конечно, „Ќе бидеме посилни заедно“.
Целта на овој твит на Вархеји е едноставна, а последиците- повеќекратни за сите.
Прво, целосно да го растури преговарачкиот процес со тоа што ќе ги урниса позициите на македонската страна. Дури и македонската влада отворено да го беше прифатила „францускиот предлог“, кој, после овој твит на Вархеји, ќе се осмелеше истиот да го брани и да каже, како што ни кажуваа досега молчешкум, дека се работи за компромисен предлог на неутрален преговарач кој ги зема предвид позициите на двете страни?
Понатаму, кој во Македонија, по изјавата на Вархеји, без оглед дали предлогот бил прифатен или одбиен, ќе верува дека Брисел има искрени намери и ги зема во предвид интересите и на земјата-членка, но и на земјата кандидат? Свесни бевме и досега за асиметријата во тие односи, како што бевме свесни и за време на деценискиот спор со Грција. Но, по овој твит на унгарскиот комесар, ЕУ за многумина во Македонија е исто што и Бугарија- насилник кој сака да ги наметне своите, во случајов бугарските, интереси и погледи.
И конечно, Вархеји со еден твит успеа да го постигне тоа што, и покрај големите напори, не му успеваше во изминативе години откако е на функцијата: Јавно да им плукне во лице на сите поддржувачи на ЕУ, на сите прозападни сили во Македонија кои со децении се борат да ја извлечат земјата од балканската кал, на сите оние кои ги ставаа во залог кариерите за да ги надминат споровите со соседните држави. И тоа, се чини, и му беше главната поента. Да ги разгори антиевропските чувства меѓу граѓаните и да ги засили анти-западните сили во Македонија.
На Вархеји му појде од рака тоа што на ниту еден македонски, па ни европски, политичар во изминативе 30 години не му успеваше, да ги обедини граѓаните, но за жал, во омразата кон ЕУ. Единствено што комесарот за проширување успеа да „прошири“ во својот мандат е јазот меѓу ЕУ и земјите кои се стремат кон неа.
Кому и зошто тоа му одговара, не е воопшто тешко да се прочита.
Ако дојде дотаму Вархеји да ја претставува ЕУ, се прашувам кому му треба ваква ЕУ? Освен на неговиот шеф, Виктор Орбан.
Доколку Европската комисија ова го премолчи, срамот на Вархеји станува и срам на ЕУ.
Дојче Веле