23 јуни 2022 година е историски ден за Преспа! Конечно и формално започнува заедничката работа на сите три држави кои го делат езерото и ЕУ за зачувување и унапредување на регионот.
Денеска се одржува иницијалниот состанок на комитетот на управувачкото тело на Преспа парк и на работната група за управување со водите кој се одржува во информативниот центар Пили во Грција крај брегот на малото Преспанско Езеро.
За време на состанокот за прв пат по стапувањето на сила на Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа ќе се сретнат претставници од Европската Комисија, трите земји кои го делат Езерото, локални власти, невладини организации и управувачките тела за заштитените подрачја.
Ние во МЕД, Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“ соработуваме повеќе од 20 години и ја поддржуваме работата за формална прекугранична соработка и покрај често затегнатите политички услови. Договорот беше потпишан на 2 февруари 2010 година од страна на министрите за животна средина на трите земји и комесарот за животната средина на ЕУ, но Грција го одложуваше ратификувањето во последниве 7 години. Денеска ја споделуваме радоста со нашите колеги од Грција и Албанија а најмногу со населението од Преспа кое конечно ќе може да се потпре на заедничко меѓународно тело да донесува издржани одлуки за одржливата иднина на регионот.
Комитетот за управување со паркот Преспа е тековна, постојана шема за заедничко донесување на одлуки. Иако овој состанок на комитетот е историска прилика достојна за славење сама по себе, таа е само прв чекор на патот кон значајна соработка во регионот и целта да се зачуваат богатите природни ресурси и да се обезбеди одржлив развој за идните генерации.
МЕД/MES