Градоначалникот на Киев бара истрага за лажниот Кличко: Ова е криминална енергија, итно мора да се истражи кој стои зад тоа

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, побара истрагаа по серијата телефонски повици од човек што се претставувал со негово име и ги излажал градоначалниците на Берлин, Виена и на Мадрид да поверуваат дека разговараат со него.

Ова е криминална енергија. Итно мора да се истражи кој стои зад тоа, рече Кличко во видеото кое денес го сподели германскиот весник „Билд“.

– Неколку градоначалници во Европа ги контактирал лажен Кличко кој зборувал апсурдни работи – рече Кличко, додавајќи дека разговорите се организираат исклучиво преку официјалните канали во Киев.

Германската служба за државна безбедност веќе почна истрага за лицето кое лажно претставувајќи се како градоначалникот на Киев, разговарало со градоначалничката на Берлин, Франциска Гифи.

Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвик, кој исто така добил повик од лажен Кличко, истакнал дека му било нешто чудно со звукот во текот на разговорот за кој мислел дека е со Виталиј Кличко.

И градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида бил цел на лажен разговор со кличко. Тој веднаш го прекинал разговорот, потврдил портпаролот на градоначалникот на Мадрид.

извор: Република
фото: Архива