Следната недела ќе се одржи 43. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

На 30 јуни 2022 година (четврток), со почеток во 14 часот, преку видеоконференциска врска ќе се одржи 43. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка. На сесијата ќе биде презентиран трудот: „Проценка на дистрибуцијата на доход во Северна Македонија: Пристап базиран на претходно недостапни даночни податоци“ од Димитар Фуна, кој е добитник на Годишната награда на Народната банка. По презентaцијата на трудот, предвидена e дискусија.

Народната банка објави повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: info@nbrm.mk, најдоцна до 29 јуни 2022 година (среда).

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научно-истражувачки трудови, особено од областа на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со стандардите и трендовите на современото истражување, односно емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите на Клубот може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд, кое е се уште во работна верзија. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.

извор: Народна банка
фото: Народна банка