Исполнет аманетот на Зафир Хаџиманов, Суана ја отпеа песната која беше наменета за него

Секоја песна има своја приказна, па така е и со „Љубов, ах љубов“, која ја слушнавме на неодамна завршениот фестивал на новосоздадена народна музика „Валандово фолк-фест“. Всушност, токму таа на некој начин го одбележа овој фестивал, иако не победи, но остави силен впечаток со емоционалната изведба на Сузана Спасовска. Нејзиниот автор Томислав Которчевиќ, кој ги напиша и музиката и текстот, најпрво мислел оваа прекрасна мелодија да ја отпее легендата на македонската музика Зафир Хаџиманов, но, за жал, тоа не се случи. Но токму тој, пред да почине, оставил аманет Сузана да ја испее оваа песна.

– „Љубов, ах љубов/шербет, чемерна,/што ме изгушка, па си замина…“ Оваа песна е мојата чашка муабет со љубовта, краток, безопасен флерт со нејзините две лица, ова е ода во нејзина чест, но и ода за нејзината сенка, тагата… Онака како што јас ја чувствувам. Од звуци и зборови направена, нежна како пламен од свеќа на ветрот, уште една песна, уште еден бисер, уште една тула во ѕидот, во бедемот („Валандовскиот фестивал“) на убавата и елегична македонска песна. Ние авторите живееме некако со своето слатко проклетство, ама пејачите, пак, мораат да умеат на својата кожа да ја стават и нашата, авторската, за песната да стане песна, и тоа тежи како планина. Да не должам, веднаш помислив на Зафир Хаџиманов, на неговиот сензибилитет и сугестивност да го убеди слушателот да му верува, па му ја испратив снимката. Му пишав: „Зафир, ќе ја испратам оваа песна на ‘Валандовскиот фестивал’ (прекланската година, 2020) и мислам дека само ти можеш да ја испееш онака како што јас би сакал да ја слушнам.“ Ми кажа дека би му претставувало особено задоволство токму мојата песна да му биде тестаментална, многу му се допаднала, ама, за жал, од здравствени причини не е во состојба да патува и да настапи на сцената во Валандово. И онака пријателски, ми сугерираше: „Кога јас веќе не можам, би ти предложил песната да ја отпее Сузето (Спасовска), таа прекрасно ја отпеа мојата ‘Од љубов не се бега’ и мислам дека е интерпретаторка со исклучителни рецептори за убаво, трајно, незаборавно во гласот.“ Таа година „Валандовскиот фестивал“ не се одржа, па ја испратив повторно оваа година, ја примија и маестрално ја отпеа Сузана Спасовска, со својот вокал достоен на оперска дива, по сугестија на големиот Зафир Хаџиманов. На крајот, не можам да не го споменам и аранжерот на песната, маестро Љупчо Мирковски-Арлекин, кој на „Љубов, ах љубов“ ѝ скрои ново руво, исткаено од звуци и зборови, тамам за, би рекол, аристократски префинетиот вокал на Сузана Спасовска и сеќавањето на Зафир – раскажува Томислав Которчевиќ.
И за Сузана Спасовска ова беше незаборавно искуство. И се случи токму она што го посакуваше авторот Которчевиќ, таа со својата креативна изведба на песната ѝ остави печат на трајна уметничка вредност.

novamakedonija.com