За Пендаровски модифицираниот француски предлог е прифатлив

Претседателот Стево Пендаровски смета дека треба да се прифати францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија и почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ оти не се поткопува македонскиот идентитет.

„Според мене станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции во која три елементи се битни и затоа предлогот според мене во овој формат и фаза е прифатлив. Прво, со предлогот ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Второ, овозможува скриниг процес што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите, порано поглавјата и трето што е апсолутно најважно за секој од нас, ама баш со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, затоа што за темелната одредница на тој идентитет, за македонскиот јазик, во предлогот има чиста формулација, без фусноти“ – изјави Претседателот Пендаровски.

Тој смета дека предлогот е транзиционен компромис затоа што во себе има нова блокада., која овој пат, вели Пендаровски, ќе биде наша, домашна.

„Знаејќи ја внатрешната политичка констелација, потребниот праг за Уставни промени, во овој момент изгледа сосема недостижен. “ – вели Пендаровски.

Тој услов според него е и најголемата слабост на предлогот.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:

Имавме 16-та седница на Советот за безбедност. Советот беше во полн состав, сите од редовната постава на Советот, плус на моја покана присуствуваше и г-нот Маричиќ, вицепремиерот за евроинтеграции, затоа што темата е таа на дневниот ред. Можеби некој ќе праша зошто Совет за безбедност за оваа тема? Знаете дека изминативе неколку години Советот има расправано и за теми кои не влегуваат во групата на традиционални, да ги наречам безбедносни и одбранбени прашања или закани, на пример имаме разговарано пред две години за аерозагадувањето, имаме разговарано во неколку наврати за пандемијата, мерки против пандемијата. Логично е, според мене, да разговараме и за најновиот француски предлог за надминување на бугарската блокада, затоа што се работи за стратешко прашање за државата.

Ставовите на членовите на Советот за безбедност, по функција, за документот ги знаете, или ќе ги дознаете денеска-утре во однос на евентуални заклучоци и јавна комуникација на тие заклучоци од Владата, а тројцата членови на Советот кои не се политичари само од нивен аспект го анализираа текстот и понудија свое експертско видување.

Мислам дека е најдобро да се концентрираме на тоа што јас мислам врз основа на целата таа дискусија и на она што го гледам, во она што самиот учествував изминативе месеци и месеци. Нема да ве заморувам со тоа кои беа почетните бугарски предлози пред две години за кои инаку не добија поддршка од ниту еден наш сојузник или партнер во рамки на Европската Унија во Брисел, од оние небулозни барања: јазик, нација, окупација, администрација итн., да денес во суштина се сведат на нивното главно барање, а тоа е внесување на бугарската заедница во нашиот Устав.

фото: PRTSC