Поплавите во Австралија раселија илјадници луѓе

Властите во австралиската држава Нов Јужен Велс денес побараа од илјадници луѓе да се евакуираат откако водата од поплавите навлезе во населените области, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Пол Тул, заменик-премиерот на Нов Јужен Велс, соопшти дека ситуацијата се влошува бидејќи водата од излеаните реки и брани поплавила неколку региони, објави „Скај њуз“.

„Кога ќе ги погледнеме поплавите во моментов во подрачјето на Сиднеј, населението на Хоксбери и Камден всушност се соочи со поплави во повеќе наврати“, изјави Тул.

Од државниот Оддел за итни случаи побараа жителите кои живеат покрај реките Хоксбери и Непин да ги напуштат сцоите домови и да се засолнат во назначените центри за евакуација.

Околу 1.600 луѓе се евакуирани од вчераутро, соопштија од Одделот за итни случаи.

Карго брод со екипаж од 21 лице исто така изгуби контрола во близина на Кралскиот национален парк, јужно од Сиднеј.

Властите започнаа операција за пребарување и спасување со помош на хеликоптер, јави „Еј-би-си њуз“.

Ова е четвртиот бран поплави во Нов Јужен Велс во последните 18 месеци.

Во март, најмалку 12 луѓе загинаа, а стотици имоти беа оштетени поради силните поплави.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).