| Касиери, продавачи, редачи на роба и магационери – се работните позиции кои газдите на трговските синџири постојано ги огласуваат. Според работодавачите тешко се наоѓа добар работник, а уште потешко се задржува. Но зошто е тоа така?
Порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк ги стави „под лупа“ платите во најголемите трговски синџири кои се дел и од 100-те најголеми фирми по приход во Македонија. Податоците покажуваат дека компанијата која прави најголем приход, односно кај која најмногу пазарат граѓаните, а тоа е „Кам“, најмногу ги плаќа своите вработени, а компанијата која прави најголема добивка, а тоа е „Верополус“ – дава најмали плати, судејќи според просекот исплатен во 2021 година.
Плати во трговските синџири
(во денари)
КОМПАНИЈА | ПРОСЕЧНА ПЛАТА 2021 | ПРОСЕЧНА ПЛАТА 2020 | РАСТ 2021/2020 |
---|---|---|---|
Кам | 26.167,72 | 24.714,19 | 6% |
Стокомак | 22.885,28 | 21.526,32 | 6% |
Тинекс | 22.471,45 | 21.536,65 | 4% |
Рамстор | 22.293.63 | 23.824,56 | -6% |
Жито | 22.053,05 | 20.848,26 | 6% |
Кит-го | 20.947,14 | 20.833,83 | 1% |
Киппер | 20.362,75 | 18.617,69 | 9% |
Верополус | 19.978,80 | 17.846,64 | 12% |
Извор: БизниМрежа.Мк
Во „Кам“ минатата година просечната плата била 26.167 денари е тоа е скок од 6 проценти во однос на просекот од 2020 година. „Кам“ деновиве се пофали и дека веќе почнува исплата на регрес за вработени од 33.000 денари, како и дека во април реализирал зголемување на платите на вработените во маркетите за 15%, а во логистиката и транспортот за 13%. „ Со ова, само во првиот семестар од годината нето платите на вработените во маркетите просечно се зголемја за 4.000 денари“.
Кам минатата година ја завршил со добивка од 5 милиони евра.
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Кам | 187.500.000 | 5.000.000 | 1.122 |
Извор: БизниМрежа.Мк
Шест проценти раст во однос на 2021 година, имале и вработените во „Стокомак“ и минатата година нивната просечна плата била 22.825 денари. Лани, 563 работници учествувале во креирање на добивката од 3,6 милиони евра.
(во евра)
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Стокомак | 94.500.000 | 3.600.000 | 563 |
Извор: БизниМрежа.Мк
Зад „Стокомак“ по просечна плата е „Тинекс“. Овој познат трговски синџир имал поголем промет од „Стокомак“, но помала добивка и помала просечна плата. Просечната плата на вработените се зголемила за 4 проценти и лани била 22.471 денар.
(во евра)
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Тинекс | 102.700.000 | 2.600.000 | 1.480 |
Извор: БизниМрежа.Мк
Многу слични како во „Тинекс“ се и платите во „Рамстор“. Но, ова е единствениот трговски синџир кој евидентирал намалување на просечната плата во 2021 година во однос на 2020 година. Намалувањето е 6 проценти,со што ланскиот просек на платите бил 22.293 денари. „Рамстор“ минатата година имал добивка од 1,4 милиони евра, и таа е значително поголема отколку во 2020 година кога добивката била 300.000 евра, но сепак податокот за просечната исплатена нето плата покажува нејзино намалување.
(во евра)
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Рамстор | 53.400.000 | 1.400.000 | 728 |
Извор: БизниМрежа.Мк
„Жито“ лани имал добивка од 1.150.000 евра благодарение на релизиран приход од 58,4 милиони денари создаден од 891 вработен. „Жито“ му избегал на „Рамстор“ по приходите, но не и по добивката, па малку заостанува и зад просечната плата и лани исплатиле просечна плата од 22.053 денари.
(во евра)
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Жито | 58.400.000 | 1.150.000 | 891 |
Извор: БизниМрежа.Мк
„Кит-го“ има поголема добивка и од „Жито“ и од „Рамстор“ но трговската фирма поделила помала просечната плата и таа во текот на минатата година изнесувала 20.362 денари.
(во евра)
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Кит-го | 67.500.000 | 2.200.000 | 783 |
Извор: БизниМрежа.Мк
„Кипер“ е трета компанија по приход и трета по добивка на листата на трговски синџири, според податоците за 2021 година, но во однос на просечната плата е на седмата позиција. Лани, во оваа компанија прсечната плата била 20.362 денари при раст на плати за 9 процети во однос на 2020 година.
(во евра)
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Киппер | 99.300.000 | 4.790.000 | 748 |
Извор: БизниМрежа.Мк
„Верополус“ е шампион по ланската добивка меѓу трговските фирми. Лани, со вкупен приход од 86,7 милиони евра, „Верополус“ направил добивка од 10,3 милиони евра. Но, токму во оваа компанија е и најниската просечна плата од 19.978 денари и покрај тоа што таму има највисок годишен раст на просечната плата во однос на сите други трговски синџири и тој раст изнесувал 12 проценти.
(во евра)
Компанија | Приход | Добивка | Вработени |
Верополус | 86.700.000 | 4.790.000 | 979 |
Извор: БизниМрежа.Мк
Целата анализа е достапна на следниот линк.