По повод денешниот празник Владика од Вселенската патријаршија во Бигорскиот манастир

На манастирската слава во Бигорскиот манастир по повод раѓањето на Свети Јован Крстител – Иванден, допатува епископот Аморејски г. Никифор, кој е владика од клирот на Вселенската Патријаршија и актуелен игумен на манастирот Влатадон во Солун.

Владиката Никифор молитвено претстоеше на сеноќното бдение во Бигорски, а утрово ќе сослужува на Литургијата со која ќе чиноначалствува Дебарско-кичевскиот Митрополит г. Тимотеј.

Пред Литургијата петмина браќа од Бигорскиот манастир ќе примат монашки чин.

При свечениот манастирски пречек, свое обраќање кон гостинот од Вселенската Патријаршија, имаше игуменот на Бигорскиот манастир, епископ Антаниски г. Партениј.

-Вашето доаѓање тука, во десетвековната Светиња на Крстителот Господов, не е случаен настан. Тоа е, всушност, сесветол зрак од Фенерот на Православието, милост и грижа од Мајката Црква во Константинопол, показ на единството во Христа преку Великата Христова Црква, Вселенската Патријаршија. Впрочем, Вие сте првиот архиереј кој доаѓа да сослужува со нас овде, во нашиот Манастир, по историската одлука на Првопрестолната Вселенската Патријаршија од 9 мај оваа година, со која Охридската Архиепископија беше примена во богослужбено и канонско единство со едната, света, соборна и апостолска Црква, по што следеше и помирувањето со Православната Црква на Србија и нејзината препорака за автокефалност. Неслучајно Чесниот Претеча Ве избрал токму Вас, затоа што Вие, низ изминатите години, додека сè уште бевме во длабока изолација од останатите помесни православни Цркви, покажавте сочувство и љубов кон нас, бевте наш сострадалник, докажавте дека имате искрена грижа за единството на Црквата Христова и на секој начин помогнавте да биде исцелена нашата повеќедецениска рана. Со благослов на Неговата Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим и Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, Вие посредувавте за средби и за остварување на добри врски меѓу претставници од нашата помесна Црква и од Вселенската Патријаршија, а Вашиот Свештен Патријаршиски Манастир, во чудесно убавиот и историски центар на градот Солун, го отворивте за наобразба и за школување на наши монаси и студенти, рече владиката Партениј.

Од своја страна, епископ г. Никифор, ја изрази својата благодарност за срдечниот пречек во манастирот.

Од Бигорски истакнуваат дека оваа година за празникот Иванден дошле бројни архимандрити, свештеници, монаси и верници од соседните православни Цркви на Албанија, Бугарија, Грција и Србија, а православни Христијани допатувале специјално за бигорската слава дури и од Франција.