Неверојатните фотографии кои ги направи телескопот „Џејмс Веб“ во вселената ги прикажуваат галаксиите какви што изгледале пред 13 милијарди години. Следната фотографија ќе биде од Големиот тресок
Погледот на човештвото во далечната вселена никогаш нема да биде ист.
Телескопот Џејмс Веб, најмоќниот кој некогаш бил поставен во вселената, ја испрати најчистата фотографија досега од раниот универзум, каков што бил пред 13 милијарди години, соопшти НАСА во понеделникот.
Неверојатната фотографија, објавена од Белата куќа, е преполна со илјадници галаксии и на неа можат да се видат најдалечните објекти, обоени во сини, портокалови и бели бои.
Познато како Прво длабоко поле на Веб, го прикажува галаксискиот кластер SMACS 0723, кој делува како гравитацискаа леќа, превиткувајќи ја светлината од подалечните галаксии зад себе кон опсерваторијата, во ефект на космичко зголемување.
„Фантастично- галаксија, по галаксија, по галаксија“, изјави Џонатан Лунин, шеф на катедрата по астрономија на Универзитетот Корнел.
„Иако тоа не е најдалеку што може да види Веб телескопот, тоа е најдлабоката фотографија било кога направена, и ја покажува силата на овој неверојатен телескоп: неверојатна чувствителност, голем опсег на бранови должини и голема јасност на фотографиите“, вели тој.
Професорот по астрономија на Харвард, Ави Лоб, објасни дека црвенестите лакови се прастари галаксии, додека белузлавите кругови и елипси им припаѓаат на помладите галаксиски кластери понапред. Тој вели дека со нетрпение го очекува погледот на Веб во Големиот тресок, пред околу 13,8 милијарди години.
Телескопот Џејмс Веб беше лансиран од Француска Гвајана во декември минатата година. Тој орбитира околу сонцето на оддалеченост од 1,6 милиони километри од сонцето, во дел од вселената наречен точка Лагранџ. Се смета за чудо на инженерството и чинеше околу 10 милијарди долари, со што е меѓу најскапите научни платформи воопшто изградени.
Дојче Веле