Новинари од Македонија и Бугарија ќе се сретнат во Велико Трново на „Викенд на дијалози“

0
297

Новинари од Бугарија и Македонија од денеска до 19 јули, ќе имаат средба во Велико Трново во рамките на иницијативата „Време за разговор“, јави дописникот на МИА од Софија.

Средбата е продолжение на „Викенд за дијалог – новинарите против предрасудите“ од септември 2019 година, кога новинари од Македонија ги поканија своите колеги од Бугарија во Охрид да разговараат во мирна атмосфера, отворено, без посредници или предавачи, за заедничките проблеми на новинарството во двете земји и за градење меѓусебна доверба, а откако ќе се запознаат да продолжат понатаму да комуницираат во нивната професионална работа.

Пандемијата од Ковид-19 спречи таква средба да се одржи во 2020 и 2021 година, но сега ќе се сретнат вкупно 20 новинари од различни медиуми во двете земји бидејќи, како што се убедени учесниците на средбата „време е за нов разговор во кој ќе може да зборуваат за тоа што ќе им помогне да се запознаат и зближат, а не за она што ги разделува“.

„Време за разговор“ е во организација на БТА, со помош на копретседателот на АЛДЕ, Илхан Ќучук, кој е европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент.

извор: МИА