Пари: Цените полудеа – Една ноќ во реновирана гаража 2.000 денари од 1-ви август, еве кои се цените за летување во Македонија

Летните одмори се во полн ек, но традиционално летниот шпиц почнува од втората половина на јули, а кулминацијата ја доживува во првите две недели од август.

Порталот Пари „просурфа“ по цените на охридското и струшкото крајбрежје, ги рагледа сместувањата во Дојран, но чепна и по планинскиот туризам во  Маврово, Берово и во Крушево.

Се водевме од тоа да ја утврдиме понудата за едно четиричлено семејство со две деца – едно 5 години, а едно 14 години. Притоа, за сместување пребарувавме колку тоа чини во последната недела на јули и колку во првата недела од август. Цените на храната и на бензинот ни се познати- а тие покажуваат дека сега и хранењето и патувањето до саканата дестинација ќе не чинат далеку повеќе од лани.

Охрид

Пребарувачот на платформата Booking, ни даде исти резултати за една недела престој, било да е тоа последната недела од јули (од 25 до 31 јули),  или пак првата недела од август , од 1 до 7 август. Најнискиот износ, за двата термина, што го „исфрли“ Booking за 6 ноќевања за 4 лица е 12.927 денари за простор од  50 квадратни метри – со две спални и кујна, во реновирана гаража, како што навел самиот газда, лоцирана на 2,6 километри од плажата Сараиште. Највисокиот износ пак, го понуди „Вила Бела“ – 182.081 денар за 6 ноќи. Всушност, станува збор за наем на два апартмана (вилата нема класично сместување за 4 лица), при што едниот е делукс сместување за двајца за 6 ноќи по цена од 73.128 денари, а другиот апартман е сместување наменето за 3 лица со вкупна цена од 108.953 денари. Во аранжманот е вклучен и доручекот. Вилата се наоѓа меѓу Лагадин и Елшани. Со исто име „Вила Бела“ се нуди уште еден сместувачки објект, но тој е во Стариот град во Охрид и цена за 6 ноќи за четиричлено смејство е 53.553 денари.

Интересен податок е што според Booking 92 отсто од пријавените капацитети на оваа платформа, веќе не се слободни за последната недела од јули, додека за првата недела од август веќе се резервирани 93 отсто од капцитетите.

Но, ако се разгледаат огласите по рекламните веб страници може да се видат и понуди за апартманско сместување ( со сопствено купатило и со кујна) од по 450 денари по човек. Тоа значи дека ако не се наплати спиење за дете до 5 години, во овој случај една ноќ чини 1.350 денари, но ако се наплати и кревет и за 5-годишното дете, тогаш пресметките покажуваат 1.800 денари за ноќ.

Струга

На струшкото крајбрежје, најевтина понуда, според Booking за крајот на јули е во селото Радожда, во „Мариј Блаж“, каде 6 ноќи четиричленото смејство може да ги помине за 9.573 денари. Во Струга пак, најевтината понуда е 12.927 денари, додека најскапата е 79.000 денари и се однесува на познатиот хотел „Изгрев“, а и во овој случај станува збор за комбинација на две хотелски соби, при што е вклучен и доручекот.

За првата недела на август, некои од капацитетите ги поместиле цените нагоре, а некои не. Во Струга, на почетокт од август нема поевтино сместување за 6 вечери од 13.628 денари, а во најскапиот „Изгрев“ цената скокнала до 85.625 денари за четворица.

На Фејсбук страницата „Апартмани Струга“ може да се види дека кај најголем дел од понудите е напишано дека нема термини од 1-ви до 15 август, а може да се најдат двособни апартмани по 30 евра по ноќ.

Дојран

Booking „направил попара“ и во Дојран. Во Дојран веќе не се достапни 89 отсто од понудените капацитети во последната недела од јули, а резервациите за првата недела од август се дури 93%. Цената за најевтиниот 6-дневен аранжман во двата термина е  9.230 денари, а на најскапиот е  25.853 денари.

На локалните вообичаените страни за огласување, пак,  не можеше да се најдат огласувачи на сместувачки капацитети во Дојран.

Маврово

Разладувањето во Маврово, на крајот од јули, во најевтината 7-дневна опција е 16.840 денари, а во најскапата дури 98.722 денари. Всушност, станува збор за изнајмување за 6 ноќи на вила од 180 квадратни метри, која има две спални, една соба со два посебни кревети, дневна, кујна, тераси и две купатила.

Од први август, на располагање е поевтино сместување од најевтиното во јули, па може за 6 ноќи да се изнајми апартман за 15.000 денари.

Берово

Ресортот „Аурора“ , кој е вообичаен синоним на туризмот во Берово, не е слободен од 25 до 31 јули, но слободен е од 24 до 30 јули, а според Booking, 6 ноќи во два апартмана во кои може да се сместат четворица (друга можност не се нуди) е 98.914 денари. Но, во Берово едно семејство може да си помине една недела и за 9.233 денари. Секако, во друг сместувачки објект.

Интересен факт е што преку Booking нема слободни места за „Аурора“ во првата недела од август. Не е на располагање ниту апартманот за 9.233 денари. Единствено се нуди апартман за 17.728 денари.

Крушево

Оние што сакаат да избегаат од летните горештини, а имаат помалку пари, тоа може да си го дозволат во Крушево. Имено, во Етно вила, 6 ноќи едно четиричлено семејство ќе го чии 4.800 денари, но треба да се земе во предвид дека купатилото и кујната се заеднички, а капацитетот на вилата е 15 луѓе.

За пораскошно сместување, со базен и со вклучен доручек, во Крушево ќе требат 28.717 денари, а најскапата опција е хотелот „Монтана“, каде нема двокреветен апартман, туку два апартмана за четворица, и тие се 48.557 денари на Booking. Во аранжманот е вклучен доручекот.

Истите капацитети, по исти цени се расположливи и во првата недела на август.

ТРЕНД НА ЦЕНИ: за 6 ноќи, во термини во периодот од 25 јули до 7 август, за четиричлено смејство

ГРАД НАЈНИСКА ЦЕНА НАЈВИСОКА ЦЕНА
Охрид 12.927 182.081
Струга 12.927 79.000
Дојран 9.230 25.853
Маврово 15.000 98.722
Берово 9.233 98.914
Крушево 4.800 48.557

 

извор: Порталот Пари „просурфа“

фото: Порталот Пари „просурфа“