Ирак: Демонстрантите влегоа во строго чуваната Зелена зона и во зградата на Парламентот

Приврзаниците на шиитскиот лидер Муктада ал-Садр на протестите во Багдад влегоа во строго чуваната Зелена зона и упаднаа во зградата на Парламентот на Ирак, известува Агенција Анадолија (АА).

Како и пред 3 дена, приврзаниците на шиитскиот лидер Муктада ал-Садр и денес протестираа во Багдад и успеаја да ги урнат бариерите и да влезат во Зелената зона, а потоа и во зградата на ирачкиот Парламент.

Ирачките безбедносни сили интервенираа со водени топови и солзавец.

Министерството за здравство на Ирак соопшти дека во немирите се повредени најмалку 60 лица и дека се згрижени во повеќе багдадски болници.

Демонстрантите рано утрово се собраа на плоштадот Тахрир, а потоа почнаа да ги уриваат бариерите на патот кон Зелената зона во која се сместени ирачките институции и дипломатските претставништва во таа земја.

Координационата рамка, коалицијата на шиитската партија блиска до Иран, во почетокот на неделата го номинираше Мохамед ал-Судани за нов премиер на Ирак. На номинацијата на Ал-Судани се противи шиитскиот свештеник Ал-Садр, чија партија победи на минатогодишните општи избори во Ирак.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото:Муртада Ал-Судани Агенција Анадолија (АА).