Случајот со претресот во Управата за финансиска полиција (УФП) ги затресе и релациите меѓу Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Откако ЈОРСМ вчера во сооштение наведе констатирани непревилности во постапката кон УФП, вклучително и за спроведениот претрес, шефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, вели дека тоа е начин да се направи увид за да се проверат наводите во добиените пријави, објави dw.com.
„За да се проверат наводите во доставената кривична пријава, а кои се однесуваат на анонимни кривични пријави по кои постапувала УФП, а кои наводно биле отворени, а потоа и затворени без да биде известен јавен обвинител, ОЈО ГОКК до Судот достави барање за издавање Наредба за претрес, но исто така до УФП достави и Наредба да се достават во ‘копија верна на оргинал’ предметите за кои се постапувало по анонимни кривични пријави. Се утврди дека се работи за околу 300 предмети”, објаснува Русковска.
Но, ваквото барање не резултирало со брз и комплетен одговор од УФП.
„Од 18-ти јули досега се доставени само околу 30-тина предмети и тоа во поголемиот дел она што не сме го барале, односно предмети кои завршиле со поднесување на кривични пријави. Ние стриктно баравме да ни се достават предмети во кои нема доставено кривични пријави до надлежно Обвинителство”, потенцира шефицата на ОЈО ГОКК.
Согласно тајноста на постапката во оваа фаза, Русковска никогаш не соопшти која е причината за претресот, освен дека се работи по пријава од граѓани. Но, според нејзината изјава дека се проверуваат наводи за анонимни кривични пријави по кои постапувала УФП, кои наводно биле отворени а потоа и затворени без да биде известен јавен обвинител, појасно се лоцира што испитува ОЈО ГОКК.
Зошто не им биле доставени бараните предмети?
„Од УФП кажаа дека инспекторите биле на одмор. Ама ние ги баравме и тие што се затворени, а според надлежните во УФП истите се во електронска форма, така што не ми е јасно зошто тие не се доставени”, вели обвинителката.