Марихуаната, кокаинот, амфетаминот и екстазите, се најчестите дроги коишто ги користат младите во Северна Македонија. На пазарот циркулираат и халуциногени печурки, МДМА-кристал, како и ликвид кристали. Нивното користење предизвикува халуцинации, параноја, депресија, тешки форми на зависност.
Ковид епидемијата предизвика зголемена употрeба на психоактивни супстанции во сите земји низ светот. Претпоставките на активистите на здружението ХОПС – Опции за здрав живот од Скопје, се дека и во Македонија е зголемена нивната употребата кај сите возрасни групи вклучително и кај малолетниците. Клучните проблеми тие ги лоцираат во тоа што не се реализира Националната стратегија за дроги 2020-2025 каде се предвидени соодветни мерки за превенција, лекување, интеграција и намалување на штети од употреба на дроги.
„Во земјата не постојат континуирани и во пракса потврдени квалитетни програми за превенција на употреба на дроги. Постои само едно советувалиште за млади кои употребуваат дроги. Исто така не постои посебна програма за лекување и интеграција на малолетници зависни од дроги“, вели за ДВ, Влатко Деков од невладината организација ХОПС.
Анализите покажуваат дека употребата на марихуаната кај младата популација бележи незначителни промени согласно податоците и од претходните истражувања, односно 4.5 % во 1999 година, 5,5 % во 2008 година, 5% во 2015 и мало покачување на 6.1% во 2019 година. Согласно податоците од истражување во 2019 година, процентот на ученици кои користеле други видови дроги во текот на животот се движи од 0,5 % за магични печурки, 0,6 % за анаболички стероиди, 0,8 % за ЛСД и 0,5 % за хероин.
„Ако се споредат резултатите од ова ЕСПАД истражување (Eвропско истражување во училиштата за алкохол и други дроги) со резултатите од претходните истражувања, употребата на хероинот и ЛСД е во благ пад, а анаболичките стероиди во стагнација. Пораст се бележи кај употребата на кокаин во периодот од 2008 до 2015 година (0,9 % во 2008 и 1,5 % во 2015 година), додека во 2019 година повторно има пад кај употребата на кокаинот на 0,9%. Исто така, 2,2 % од учениците во 2019 година одговориле дека користеле нови супстанции кои го имитираат ефектот на илегалните дроги, што бележи пад во однос на 2015 година кога 3,7% од учениците пријавиле дека користеле нови супстанции“, вели Деков.
Халуцинации, параноја, депресија…
Состојбата во меѓувреме е променета, а пандемијата влијаеше на зголемена употреба на психоактивни супстанции, кои според укажувањата на полицијата, често можат да доведат до халуцинации, параноја, депресија, тешки форми на зависност. Дел од другите можат да се набават и на интернет, што ги прави лесно достапни за младата популација.
Ивица Апостолов, вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје и претседател на Здружение на медицински лаборанти Клинички Центар Скопје, вели дека покрај марихуаната, меѓу младите се почесто се шират и амфетамини, халуциноген ЛСД-„печурка”, кокаин, хероин и екстази-„бомбони”. Тој укажува дека се користи и „снус“ – супстанца која е евтина е и може да предизвика зависност. Станува збор за тутунски производ во прав. „Користењето на чист никотин во каква било форма, особено ако е комбиниран со емулгатори како што е во „снус“, тогаш ефектите на никотинот врз централниот нервен систем се исти како при употреба на дроги“, смета Апостолов.
Деков вели дека е неопходно да има добар систем за ранo предупредување, односно навремена анализа на составот на психоактивните супстанции кои се продаваат во Македонија и навремено информирање за нив од страна на надлежните институции. Целта на овие анализи е да се утврди составот на супстанците, со цел да се детектираат новите дроги како и комбинацијата на супстанции што ја содржат, а кои може да бидат смртоносни.
„Доколку се утврди нова психоактивна супстанца истата треба веднаш да се забрани, а за неа да се информираат сите институции и граѓански организации кои работат со луѓе кои употребуваат дроги за да ја пренесат информацијата за штетноста и ризикот од нејзина употреба. Оваа контрола и размена на информации не е на завидно ниво во нашата земја“, вели Деков.
Во последните пет години, од ХОПС велат дека како организација која контактира со најголем број на луѓе кои употребуваат дроги во земјата на годишно ниво (во 2022 година со над 700 корисници на дроги), не добиле ниту една таква информација.
„Овој систем за рано предупредување е развиен во сите земји членки на ЕУ и претставува наша обврска како земја кандидат за членство во ЕУ. Во периодот од 1997 до 2021 овој систем на рано предупредување на ЕУ детектира 887 нови психоактивни сусптанци од кои 52 нови психоактивни супстанции беа детектирани во 2021 година“, укажува нашиот соговорник.
Сузбивање на појавата
Од Министерството за внатрешни работи за ДВ велат дека изминатите неколку години интензивно се работи на сузбивање и заплена на секаков вид на наркотична дрога и лишување од слобода на лицата кои се занимаваат со продажба и шверц на дрогата.
Така минатиот месец беа уништени околу 1.400 килограми различни видови наркотични дроги одземени во 2022 година по основ на правосилни судски одлуки донесени по завршени кривични постапки, како и врз основа на судски решениja за нивно ништење. Во рок од шест месеци ова е второ уништување со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци.
„Минатата 2022 година МВР заплени рекордни над 2.4 тони дрога и 20 тони прекурсори, сузбиени беа 12 организирани криминални групи со откриени над 660 кривични дела и 770 сторители на кривични дела.Бројките ги потврдуваат сериозните успеси во борбата со недозволената трговија со дрога, која е приоритет и за која нема место за никакви компромиси“, велат од МВР.
Невладините организации апелираат да се усвои програмата за лекување на малолетници зависни од дроги е изработена од страна на работната група која беше формирана со одлука на Владата уште во 2019 година. „Програмата е добра и нејзиното неаплицирање во пракса значи дека многу наши малолетни граѓани решението за проблемот со зависности го барат во алтернативни методи или во други држави“, вели Деков. Усвојувањето на програмата и нејзината реализација, според него, е шанса да се спасат многу млади животи во земјата.
Дојче Веле