Новопечена брачна двојка од Канада заминала на меден месец, а меѓу дестинациите кои ги посетиле биле Грција и островот Миконос. Таму ги пресретнала непријатна ситуација која добро ќе ја паметат по ова патување.
Алекс и Линдзи Брин биле на турнеја на Миконос, па избрале бар на плажа, не знаејќи колку ќе ги чини тој избор.
Брачниот пар од Торонто нарачал едно пиво, коктел и десетина остриги и за сето тоа платиле повеќе од 400 евра. Тие ја споделија својата приказна за да ги предупредат другите за ваквите изненадувања.
Линдзи вели дека ресторанот немал мени и дека персоналот бил прилично груб.
„Веднаш прашаа ‘сакаш ли остриги?’ Беа многу дрски. Нарачавме 12, како што беше предложено, мислејќи дека тоа е вообичаеното количество. Алекс нарача пиво, а јас побарав мени за коктел“, рече Линдзи, додавајќи дека многу се „мачеле“ околу носењето на менито за пијалаци.
„Конечно, ми донесе, како што велат, коктел-картичка. Пластифицирано парче хартија со наведените видови алкохол, но без цените и вистинските имиња на пијалаците. Затоа нарачав Aperol spricz“ – раскажува таа.
Набрзо пристигнале „комично големите пијалаци“, што им се чинело чудно, а келнерот се обидел да ги убеди да нарачаат нешто друго, негодувајќи што го одбиле.
„Тој секогаш демнеше околу масата. Секогаш беше наоколу. Кога ги завршивме остригите, тој се обиде да нè наговори да ги земеме раковите, што, за среќа, не го направивме“, рече таа.
Кога дошло време за плаќање, парот тврди дека персоналот не им ја донел сметката, туку го повикал Алекс во „задната соба“ да плати. На екранот на компјутерот му ја покажале сметката која била на грчки јазик и изнесувала над 400 евра.
Иако бил шокиран, Алекс ја платил сметката за да избегне конфликт, тврди Линдзи.
„Тој се чувствуваше заплашено. Тој е најубавиот човек, па дури и ако сметката беше двојно поголема, веројатно ќе ја платеше за да ја избегне неволјата. Беше прилично лудо. Мило ми е што не се скаравме бидејќи можеше да заврши полошо за нас“ – заклучи таа.
Парот три недели го поминал медениот месец патувајќи низ Европа и тврдат дека никаде не сретнале толку високи цени.
„Бевме шокирани, особено затоа што имавме навистина добри оброци во Италија. Во просек потрошивме околу 120 евра за целосна вечера со неколку коктели и мезе. Подготвени сме да потрошиме кога е оправдано, но ова време не беше. За среќа, имавме пари“ – рече таа.
Споменатиот ресторан „DC Oyster“, кој се наоѓа на плажата „Платис Гиалос“ веќе има „лоша репутација“, а ни критиките на „TripAdvisor“ не му одат во прилог. Корисниците најчесто пишуваат дека треба да се избегнува.
Од друга страна, сопственикот на локалот, извесен Димитриос Каламарас објасни дека има работа со „инфлуенсери кои се обидуваат да добијат бесплатен оброк“.
„Разбирам дека некои луѓе чувствуваат дека нашите цени се надвор од нивниот буџет и целосно го почитувам нивното мислење дури и ако не ја ценат вредноста на нашата услуга, кујна, концепт и искуство. Но „нема нормален возрасен човек“ кој би нарачал пијалок без да видиме колку чини“ вели тој.
Каламарас вели дека клиентите треба да го прашаат менаџерот пред да нарачаат да дознаат колку чини секое јадење и рече дека не размислува да му објасни што има на менито на секој што ќе влезе низ вратата.