Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека агенти на ФБИ го пребарале неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.
– По работата и соработката со релевантните владини агенции, овој ненајавен упад во мојот дом не беше ниту потребен ниту соодветен – се вели во соопштението на Трамп.
Трамп не кажа зошто е извршен претресот. „Си-ен-ен“ објави дека претресот се однесува на постапувањето со претседателските документи, вклучувајќи ги и оние од доверлив карактер, кои Трамп можеби ги однел во вилата на Мар-а-Лаго, повикувајќи се на извори упатени во истрагата.
Мар-а-Лаго „во моментов е под опсада, нападнат и окупиран од голема група агенти на ФБИ. Ми провалија дури и во сефот – рече Трамп.
Американското Министерство за правда почна истрага во рана фаза за отстранувањето на официјалните претседателски документи од страна на Трамп во имот на Флорида, изјави извор запознаен со ова прашање во април.
Истрагата доаѓа откако американската Администрација за национален архив и евиденција го извести Конгресот во февруари дека пронашла околу 15 кутии со документи на Белата куќа, вклучително и доверливи материјали, кои Трамп ги однел на својот имот во Мар-а-Лаго.
Надзорниот комитет на Претставничкиот дом потоа објави дека ја проширува истрагата за постапките на Трамп и побара од Националниот архив да обезбеди дополнителни информации. Трамп претходно потврди дека се согласил да врати одредени записи во архивата, нарекувајќи го „обичен и рутински процес“.
novamakedonija.com