Македонија со „Отворен Балкан“ ќе добие работна сила во дефицитарните дејности, а слободниот пазар на труд носи повисоки плати и инвстиции во секоја од трите земји, велат од Владата, во пресрет на отворањето на единствениот пазар на труд во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.
Од Владата укажуваат дека иницијативата „Отворен Балкан“ е можност за зголемување на конкурентноста на нашиот регион, како и дека зголемената понуда е привлечна за нови инвестиции што е клучната цел на Договорот за слободен пристап до пазарот на труд. Мобилноста е важен аспект за развојот на економијата, и од тој аспект, како што посочуваат, треба да сме свесни дека постојат дејности, како што е туризмот во кои ќе се влева работна сила во Македонија од соседните Албанија и Србија, а секако дека ќе имаме и примери и во обратен правец.
-Овој проект носи натпревар во квалитет, но носи и раст на платите, нови можности и размена на искуства. Комплементарна со оваа мерка е и иницијативата за основање заедничка агенција на трите земји од Отворени Балкан за привлекување странски инвестиции, со што како пазар од 12 милиони граѓани стануваме многу поатрактивни за големи инвеститори. За ваквиот тип на инвестиции кои бараат поголем пазар, основен предуслов е регионалната мобилност на работна сила, посочуваат од Владата.
Од таму укажуваат дека Договорот за слободен пристап важи само за приватниот сектор, поради што стравувањето за наводно губење на медицинскиот кадар од земјава е неосновано.
Имајќи предвид дека проектот се очекува да започне со реализација на почетокот на есента и оти ваквата мобилност и до сега не беше беше забранета, од Владата нагласуваат дека не треба да се шпекулира со помпезни бројки и квоти за кои не постои аналитичка поткрепа.
-Ние веруваме во својот потенцијал и квалитет. Регионалната соработка овозможува раст и развој на економијата. Ние и до сега имавме размена на работна сила со нашите соседи, а сега со Отворен Балкан бизнисите нема да трпат и да се соочуваат со бирократски процедури кои дури го втурнуваа приватниот сектор и во сива економија. Елиминирањето на овие бирократски процедури како што се легална заработка, плаќање на даноци, осигурување и слично ќе го зголеми економскиот раст, посочуават од владинот кабинет.
Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан е еден од петте договори што во декември лани на Самитот на иницијативата ги потпишаа лидерите на трите земји од „Отворен Балкан“, тогашниот премиер Зоран Заев, неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ,
Договорот, според најавите, ќе им овозможи на граѓаните од овие три земји слободно да се движат и да работат во земјите потписнички на договорот. Со одредбите од договорот се поедноставуваат процедурите за еднаков пристап до пазарот на трудот во регионот по примерот на ЕУ, со што, како што беше истакнато на потпишувањето,се прави чекор повеќе кон прифаќање на вредностите и практиките во Европската Унија.
извор: Влада
фото: Архива