Новооткриениот вирус Лангја се следи по случаите во Кина

0
264

Надлежните го следат новооткриениот вирус во Кина кој се чини дека се пренесува од животни на луѓе, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Додека повеќе од триесетина случаи се регистрирани во Кина откако вирусот за првпат беше откриен кон крајот на 2018 година, тој беше само формално идентификуван оваа недела.

Случаи на хенипавирусот Лангја (LayV) беа пријавени претежно меѓу фармерите во источните покраини Шандунг и Хенан помеѓу декември 2018 година и мај 2021 година, без смртни случаи досега.

Експертите кои го идентификуваа вирусот, соопштија дека вирусот Лангја е „дел од родот на вируси наречени хенипавируси кои вообичаено се наоѓаат кај лилјаците“, според извештајот од „Нов научник“ (New Scientist), неделно списание за наука и технологија од Велика Британија.

„Истиот род го вклучува вирусот Хендра, кој првпат беше идентификуван во Австралија во 1994 година и исто така е познат по заразувањето на луѓе и коњи“, се вели во извештајот.

„Вирусот Нипа, првпат откриен во 1999 година во Малезија, исто така е дел од овој род“, се додава.

И двата вируси имаат висока стапка на смртност кај луѓето.

Во извештајот се вели дека луѓето инфицирани со хенипавирусот Лангја имаат симптоми на треска, замор, кашлица, болка во мускулите, гадење и главоболки.

Хенипавирусот Лангја беше идентификуван со помош на примерок од брис од грло од лице со треска кое имало контакт со животни.

Истражувачите веруваат дека ровчиците „би можеле да бидат природниот извор на вирусот“, бидејќи 27 проценти од повеќе од 260 ровчици „кои ги истражиле, имале забележителни нивоа на Лангја“, се вели во извештајот.

Вирусот исто така е пронајден кај 5 проценти од испитаните кучиња и 2 проценти кај козите.

Истражувачите немаат докази за пренесување од човек на човек.

„Кај деветмина од заразените лица, следењето на контакт со 15 лица од нивното блиско семејство не откри пренесување на Лангја“, се вели во извештајот.

„Ова упатува на тоа дека вирусот не се пренесува од човек на човек, туку од животно на човек. Сепак, примерокот е многу мал за да се исклучи преносот од човек на човек“, се додава.

Според Оливие Рестиф, експерт за заразни болест од Универзитетот во Кембриџ, мала е веројатноста Лангја да стане пандемија, бидејќи обично „не се пренесува помеѓу луѓето“.

„Единствениот хенипавирус кој покажа некој знак на пренесување од човек на човек е вирусот Нипа, за кој треба многу близок контакт“, рече тој.

„Не верувам дека има потенцијал за пандемија.“

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).