Нема да има насилство на 1 септември во Косово

0
242

Посредникот на Европската унија за косовско-српските преговори, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кои престојуваат во Приштина, изјавија дека се залагаат за спречување на секаков вид ескалација во Косово на 1 септември, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред новинарите по денешните средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, Лајчак и Ескобар изјавија дека добиле уверувања од Приштина и од Белград дека нема да има насилство на 1 септември, кога стапува во сила одлуката на Владата на Косово за реципроцитет кон Србија во однос на патните документи и регистерските таблички.

Американскиот дипломат рече дека очекува конкретни предлози од двете страни за изнаоѓање решение за проблемот.

– Мојата посета тука всушност е за да искажам целосна поддршка на дијалогот што го олеснува ЕУ. Двете страни нé уверуваат дека не сакаат ескалација, не сакаат насилство на 1 септември. Значи тука сме за да се осигураме дека сите тие добри желби, сиот тој оптимизам ќе се претворат во еден конкретен предлог, рече Ескобар.

Посредникот на ЕУ, Лајчак, рече дека имал добра средба со институционалните челници во Косово, но дека процесот ќе продолжи за да се избегне, како што рече, секаква тензија на 1 септември. За таа цел тој најави посета и на Белград, заедно со американскиот колега, веднаш по оваа во Приштина.

МИА