Повеќе чини да ви ја донесат струјата до дома отколку самата струја

Ако трошите 400 киловатчаса струја месечно – 200 киловатчаса скапа и 200 киловатчаса евтина, ќе платите околу 2600 денари месечно. Во случај, РЕК Битола да ви ја подари струјата, сметката ќе ви биде 1600 денари. Толку чини да ви ја донесат до дома.

Надоместокот за пренос и дистрибуција на струја, односно таканаречената мрежарина, се наплаќал отсекогаш, но сега само е наведен како посебна ставка во сметката за струја, а претходно беше вкалкулиран во цената на струјата.

Во новите сметки, има посебно цена на струја, а посебно цена на мрежарина, како што е во сите земји од ЕУ, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

„Шпекулациите дека е некоја нова давачка единствено служат за нечиј личен ПР и за лажење на граѓаните. Да престанеме да шириме шпекулации да ги правиме нашите граѓани неуки дека е воведена некоја нова давачка за користење на преносната и дистрибутивната мрежа“, вели Бислимовски.

Граѓаните на социјалните мрежи се жалат дека за дистрибуција плаќаат повисоки сметки отколку за самата струја и прашуваат како е тоа можно.

На кратко – тоа е така затоа што евтината струја е скоро џабе, односно 0,62 денари за киловатчас, затоа што владата ја субвенционира.

Но, мрежарината е фиксен трошок, кој е подеднаков и за евтина и за скапа струја, и чини 3,37 денари за киловатчас.

Во евтина тарифа, 85 отсто од парите одат за мрежарина, а само 15 отсто за струја.

Најголемиот дел од парите за мрежарина одат за ЕВН Електродистрибуција, а помал дел за МЕПСО.

На пример, ако трошите 400 киловатчаса струја месечно – 200 киловатчаса скапа и 200 киловатчаса евтина, ќе платите околу 2600 денари месечно.
Во случај, РЕК Битола да ви ја подари струјата, сметката ќе ви биде 1600 денари. Толку чини да ви ја донесат до дома.

Бислимовски вели дека мрежарината сега е поскапена затоа што со тие пари се набавува струја за покривање на загубите во мрежата, а таа струја е поскапа. Бислимовски е дециден дека кражбите на струја не се признаваат за загуби. Регулаторите признаваат загуби во дистрибутивната мрежа од 12,4 проценти.

Па така, еден киловатчас евтина струја претходно беше 3,67 денари, а скапа 7,32 денари.

Секога евтината струја е 0,6 денари, а скапата од 4,3 денари нагоре, во зависност од блокот. Но, кога на тоа ќе се пресмета мрежарината, се доаѓа до цена за евтина струја од 3,99 денари, а за скапа од 7,7 денари па нагоре.

 

Радио Слободна Европа