Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со иницијатива за собирање потписи за распишување референдум против Договорот со Бугарија

Вечерва заседаваше Извршниот комитет каде се разговараше за иницијативата за референдумско изјаснување, која доаѓа по наметнатите потценувачки услови за отворена бугаризација и идентитетско редефинирање на Македонија, нешто што Владата на СДСМ го прифати, рече на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Веднаш јасно да посочам ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија без никакви дилеми, но ВМРО-ДПМНЕ не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување. Праксата досега покажа дека Владата и Ковачевски не ја говореа вистината кога велеа дека историските прашања не се тема на разговор, не само што се тема на разговор тие станаа и услов за Македонија да напредува кон ЕУ, што самото по себе преставува една не фер позиција која македонската влада на штета на целата држава и одејќи надвор од својот мандат ја прифати. При тоа суверенот во државата, народот не беше ниту прашан, ниту пак Ковачевски има мандат да ја става Македонија во подредена позиција. Да не зборувам што Македонија попушти за името, попушти за Бугарија, попушти за преговарачката рамка, а за возврат не доби ништо. Напротив животот е се потежок, енергетската криза и инфлацијата ја разорува државата и носи сиромаштија, истакна Мицкоски.

Тој рече дека овој Извршен комитет следи по широките консултации кои ги направил изминатиот месец дена. Било разговарано и консултирано со експерти и професори по уставно право, коалициските партнери, пратениците при што заеднички стигнавме до решение кое беше потврдено едногласно од страна на Извршниот комитет.

-Се донесе одлука да граѓанска иницијатива за собирање на потписи за распишување на референдум и во наредната недела ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи со што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието. На оваа иницијатива прво потпишан ќе бидам јас, Извршниот комитет на партијата, пратениците. По што очекувам Собранието во брзи рокови да ја легитимира и одобри иницијативата по што ќе започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум, повторувам задолжителен референдум. Референдумското прашање ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов. Тој е изворот и почетокот на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции, затруеното дрво раѓа затруени плодови. Раскинувањето на овој договор ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот историјата, културата итн. Затоа референдумското прашање предлагаме да гласи и како такво денеска го усвои и потврди Извршниот комитет на партијата: Дали сте за напуштање на важноста на ЗАКОНОТ ЗА РАТИФИКАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, ДОБРОСОСЕДСТВО И СОРАБОТКА МЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година? ВМРО-ДПМНЕ ќе повика да се гласа за престанување на важноста за овој штетен договор, потенцираше Мицкоски.

Очекувам власта да дозволи да се изјасни народот и да се стави крај на уцените притисоците и кочењата на Бугарија. Ова да биде одговор на народот за својата Македонија и за нашата заедничка иднина, додаде тој.