Конвојот со ковчегот на Елизабета II тргна од Балморал кон Единбург

0
223

Кралицата Елизабета II почина во четвртокот во Шкотска на 96-годишна возраст, а денес тргна на своето последно патување од дворецот Балморал во кој почина, известува Агенција Анадолија (АА).

Ковчегот на кралицата ќе биде пренесен до палатата Холирудхаус во Единбург.

Последното патување на кралицата ќе трае шест часа, а во второто возило ја следи нејзината единствена ќерка Ана.

Иако станува збор за оддалеченост од 280 километри, патувањето ќе потрае околу 6 часа бидејќи возилото со нејзиниот ковчег се движи споро за да може луѓето што стојат покрај патот по кој минуваат, да ѝ оддадат почит и да се простат од најдолговечната владетелка која 70 години беше на британскиот трон.

„Ковчегот на Нејзиното Височество го напушти Балморал. Во придружба на принцезата Ана и Сер Тим Лоренс, погребното возило ќе патува до палатата Холирудхаус. Венецот што стои на ковчегот се состои од растенијата далија, флокс, сладок грашок, бел врес и бор од имотот во Балморал“, соопшти кралското семејство на службениот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Откако ковчегот ќе пристигне во Единбург, ќе биде сместен во палатата Холирудхаус, службената резиденција на британскиот монарх во главниот град на Шкотска.

Веќе утре ковчегот на кралицата ќе биде префрлен во катедралата Сент Џајлс во придружба на новиот британски крал Чарлс III и членовите на кралското семејство.

Вратата на катедралата во Единбург би требало еден ден да биде отворена за јавноста, а посетителите и граѓаните ќе можат да пројдат покрај ковчегот и да се простат од кралицата Елизабета II.

Последното патување на кралицата на крајот ќе заврши во капелата Сент Џорџ во дворецот Виндзор, каде ќе биде закопана покрај својот сопруг, принцот Филип, покрај својот татко, кралот Џорџ VI, нејзината мајка и покрај нејзината тетка, принцезата Маргарет.

Инаку, вчера најстариот син на кралицата, принцот од Велс, Чарлс, и официјално е прогласен за крал, а погребот на кралицата Елизабета II е најавен за 19 септември.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).