Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата, Бојан Маричиќ и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со делегатите од 27-те земји членки на ЕУ во Работната група на Советот на ЕУ, задолжена за проширување и за земјите коишто преговараат за пристапување (КОЕЛА), предводена од Јавурек Леош и придружувани од амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
На состанокот е оценето дека ова е значаен момент за Република Северна Македонија, како прв чекор по отворањето на преговорите со ЕУ во јули годинава, во Брисел, а во пресрет на утрешниот почеток на скрининг процесот за пристапување на нашата држава во Европската унија, со што практично се отвора ново поглавје во евроинтеграцискиот процес на земјава.
Пораката што е испратена на денешната средба, од страна претставниците на Работната група КОЕЛА, е дека земјите членки на ЕУ го охрабруваат натамошниот процес на патот на нашата држава кон ЕУ и дека цврсто стојат до нашата земја, со цел динамична реализација на следните чекори во рамки скрининг процесот и во преговарачкиот процес, до полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
При тоа се поздравени мудрите одлуки на Владата и на Парламентот со коишто е покажано визионерство за реализација на стратешките определби и иднината на државата и се овозможи почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Европските интеграции, како што е оценето, носат конкретни економски и демократски придобивки за граѓаните на нашата држава. Исто така се од големо значење и за целиот регион, посебно во геополитичките околности во коишто се наоѓаат Европа и светот, поради војната во Украина, што значи и сериозен придонесот кон европскиот мир и стабилност.
Изразено е, во таа насока, очекување за поддршка од сите политички субјекти и од општествената јавност во следните чекори значајни за процесот на евроинтеграциите, а за коишто е најавена техничка помош и потребната поддршка од државите членки на Унијата.
Премиерот Ковачевски нагласи дека по 17 години од кандидатскиот статус, Република Северна Македонија конечно го добива заслуженото внимание и место во ЕУ. Тој нагласи дека државата се постави стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ, практикува европски вредности и дека останува посветена на остварувањето на оваа втора стратешка цел, членство во ЕУ, по членството во НАТО.
„Во рамки на заедничките заложби да испорачаме брзи и квалитетни резултати во евроинтегративниот процес, ќе работиме со сите политички и општествени чинители во државата“, рече премиерот Ковачевски.
Вицепремиерот Маричиќ соопшти дека Владата е подготвена да покаже видливи резултати во унапредување на реформските процеси и дека за тоа е потребно вклучување на сите засегнати страни, вклучувајќи ја и блиската соработка со земјите-членки на Унијата и Европската комисија.
Министерот Османи констатираше дека земјата се придвижува кон ново поглавје во евроинтеграциите, со денешниот состанок со Работната група КОЕЛА, во рамки на преговарачкиот процес и дека е ова значаен момент за добрата иднина на граѓаните и на Република Северна Македонија.
На состанокот е разговарано и за други актуелни прашања во регионален, европски и геополитички контекст, при што е изразена согласност дека Република Северна Македонија и државите од Западен Балкан треба да бидат вклучени во решенијата за надминување на актуелните предизвици од војната во Украина.
Состанокот е заокружен со констатацијата дека проширувањето на ЕУ со Република Северна Македонија и државите од Западен Балкан мора и ќе продолжи, бидејќи е тоа од значење како за нашата држава и земјите од регионот, така и за самата Европска унија.
извор: Влада
видео: Влада