Трговци со струја и енергетска мафија го кочат процесот, домаќинства и компании сами да си произведуваат струја. Тоа е таа монополска позиција, обид на поединци да се заработува што повеќе и на подолг период за сметка на другите. Ваков сомнеж, во изјава за МИА, изрази Марјан Ненов, електроинженер, сертифициран енергетски менаџер и иноватор, чија сфера на интерес е сончевата енергија и нејзиното подобро искористување.
Со него разговаравме на темата за фотоволтаици што е актуелна во моментов, со оглед на енергетската криза што му се заканува на светот и за зголемувањето на сметките за користење на електрична енергија.
– Кога станува збор за фотоволтаиците, постои можност домаќинства и компании да произведуваат струја само за сопствени потреби, но и за продажба на вишокот струја во мрежата на електроенергетскиот систем. Во вториот случај, домаќинствата можат да произведуваат до шест киловати, а компаниите до 40 киловати. Има можност и за производство и продажба на над 40 киловати од страна на компании, но тие треба да имаат и посебна лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. Не е проблем за пари, луѓето сакаат да инсталираат фотоволтаици и да ги намалат сметките за струја, да дејстуваат еколошки и да помогнат колку што можат и да дадат свој придонес во надминувањето на енергетската криза, но се жалат дека процедурата е бавна и комплицирана. Треба малку повеќе да се чуе гласот на незадоволните. Со ваков раст на цената на струјата, вложените пари за инсталирање на фотоволтаична опрема ќе се вратат за пократок период. Но, бидејќи сите овие елаборати коштаат, тие ја зголемуваат цената на овие системи, а со тоа и времетраењето на поврат на инвестицијата, категоричен беше тој.
Ненов ни појасни за обновливите извори на енергија, како ветер, вода, за тоа како подобро да се искористи сончевата енергија, за да се намали енергетската зависност. Не заборави да нагласи дека кога се во прашање општините од Вардарски плански регион, станува збор за една од најпрекрасните локации за производство на струја од фотоволтаици. Рече дека водата од Тимјаничка река која минува низ Неготино, може да се искористи за повеќе мали проточни хидроцентрали од кои со струја ќе се обезбедува дел од осветлувањето на градот или работа на општинската зграда.
tv21