Германија спремна да им даде азил на Русите кои бегаат од делумната мобилизација

0
236

Германија е подготвена да им даде азил на руските дезертери кои се противат на делумната мобилизација на нивната земја, порача германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Дезертерите на кои им се заканува сериозна репресија, можат, по правило, да добијат меѓународна заштита во Германија“, изјави Фезер за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Секој кој храбро му се спротивставува на режимот на [рускиот претседател] Владимир Путин и со тоа паѓа во голема опасност, може да поднесе барање за азил [во Германија] врз база на политички прогон“, истакна министерката.

Додаде дека Германија со месеци ги прифаќа руските дисиденти кои се прогонувани и се под закана.

Министерот за правда Марко Бушман ги повтори зборовите на Фезер.

„Секој кој го мрази патот на Путин и ја сака либералната демократија е добредојден во Германија“, напиша тој на Твитер.

Путин во средата објави делумна мобилизација во Русија и повика 300.000 резервисти за најверојатно распоредување во Украина. Тој, исто така, нагласи дека ќе ги искористи сите средства кои ѝ се на располагање на Русија доколку е загрозен нејзиниот територијален интегритет, што нашироко беше протолкувано како нуклеарна закана.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).