Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде изрази уверување дека укинувањето на Шенген-визите за косовските граѓани може да се случи на почетокот на 2023 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава за телевизијата на косовскиот јавен радиодифузен сервис, РТК, запрашан дали догодина може да се очекува визна либерализација за Косово, Роде рече дека неговиот „најкраток одговор од сегашна переспектива е – да“.
– Нешто подолг одговор е дека во понеделникот бев со премиерот (на Косово, Албин Курти) во Призрен… и реков и таму дека визната либерализација е еден анахронизам. А тоа што е битно е и изјавата на министрите (за надворешни работи) на Германија, Полска и Франција дека треба да има визна либерализација за Косово, рече германскиот дипломат.
Роде порача дека тој е „последниот амбасадор (во Косово) кој ќе одговара на прашањето на визната либерализација“ и изрази уверување дека косовските граѓани ќе можат да патуваат без визи во Европа од февруари или март идната година.
МИА