Вработените во Култура почнуваат со генерален штрајк?

Незадоволството на вработените во Министерството за култура е огромно, особено по негативното мислење на Министерството за финансии кое и покрај информацијата дека средствата за покачување на платите се обезбедени во Буџетот на Култура, не даде согласност за потпишување на Колективен договор, велат извори за „Вечер“.

-Државата е за некого мајка, а за некого маќеа, велат за весникот од Култура.

Вработените од Министерството за култура посочуваат дека е интересно што нивното барање за зголемување на платата е одбиено од Министерството за финансии, со образложение дека е економска криза. Само еден ден подоцна, додаваат, излезе новиот Закон за буџетите со кој, нивните колеги вработени во Министерството за финансии, им се обезбедува трајно зголемување од 30 проценти на основната плата, како надополнување на редовната плата од 1 јануари 2023 година?!

Од Министерството за финансии се посочува дека согласно Законот за буџетот, „буџетските корисници не смеат да преземат обврски или да направат расходи над лимитот на одобрените средства со Буџетот“.

Истовремено, во писмото се напоменува дека продлабочувањето на енергетската криза во светски рамки се одразува и врз економијата на нашата држава и остварувањето на предвидените стапки на економскиот раст.

-Во такви услови фискалната политика е насочена кон зачувување на макроекономската стабилност и спроведување на рестриктивна буџетска потрошувачка во согласност со реалните можности на страната на приходите и ефикасно управување со јавниот долг, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст во државата. Имајќи предвид дека примената на Колективниот договор предизвикува фискални импликации за кои не се планирани средства во буџетот на Министерството за култура за 2022 година, Министерство за финансии дава негативен одговор, стои во писмото потпишано од министерот Бесими.

Од Министерството за култура посочуваат дека е интересно и дискутабилно што само ден подоцна во „Службениот весник“ бр. 203/2022 излегува новиот Закон за Буџетите со кој, нивните колеги вработени во Министерството за финансии, трајно ги решиле своите права од работен однос.

Текстот во целост на: „Вечер“.