Скапи патарини за лоши и малку автопатишта

Во земјава за реконструкција на 10 километри автопат се потребни три години. Кичево – Охрид се прави осум години, а според најавите ќе бидат потребни уште две. Често пропаѓаат тендери, се раскинуваат договори, а во меѓувреме граѓаните се возат по урнисани патишта, за кои си плаќаат патарини.

Патиштата се катастрофа. Патарините се скапи, ама барем патиштата да се добри. Од дупките страдаат возилата, а и работното време ни се одолговлекува, велат граѓани кои ги затекнавме додека екипата на Радио Слободна Европа направи обиколка по автопатите низ земјава.

Властите да се зафатат со поправка на патиштата пред неколку месеци порача и нобеловецот по економија Пол Кругман, патувајќи од Скопје до Охрид.

Земјава е некаде на средината од балканските земји по километри изграден автопат. Што се однесува до патарините, поевтини од нас има во Србија и Албанија, а во Косово не се наплаќа.

„Непријателски“ дупки на автопатот Пријателство

Автопатот Пријателство, кој го спојува главниот град со грчката граница не е баш пријателски настроен кон возачите. Дупки на патот, нерамнини, и патарини на секој чекор.

На околу 150 километри пат од Скопје до Гевгелија има пет патарини за кои во еден правец ќе треба да платите 360 денари.

Но, само што ќе излезете од Скопје, по патарината кај Петровец, патот се прави, и така веќе две години, иако работите требаше да бидат завршени пред една година, но беше раскинат договорот со градежната фирма. Најновите рокови на надлежните се дека работата треба да биде готова следната година.

Па така излегува дека за реконструкција на пат од околу 10 километри (по пет во двата правци) и изградба на плус една лента во едниот правец, ќе бидат потребни три години.

Проектот за рехабилитација е на Јавното претпријатие за државни патишта. Оттаму не ни одговорија на прашањата дали е избрана нова фирма која треба да го доврши патот. Во меѓувреме на терен стојат само знаците кои предупредуваат на работа на пат, а работници и механизација нема.

На автопатот од Скопје до Гевгелија, најлоша е делницата кај Неготино, таму се вози 80 километри на час и има знак за нерамен коловоз. Патот треба наскоро да се санира.

„Од Демир Капија до Неготино треба да се направи тој дел, да нема дупки, да е подобар, и тука пред Скопје што се прави, тоа ќе се направи. Патарините скапи се, за овие пари, значи треба да има добри автопатишта“, вели Ангел Петков од Негорци.

Јове Георгиевски е професионален возач на камион веќе 30 години. Дел од кариерата ја поминал и на патиштата во странство. Нашите патишта се многу полоши, а како резултат на тоа се оштетува возилото, вели тој.

„Страдаат доста зглобови, спони. На пример имаме големи дупки, на овој автопат овде, на неколку километри од тука подолу, може сте забележале ако сте доаѓале, има доста дупки, да не зборувам и за понатака, спојките на мостовите се исто, може некогаш и гума да пукне. Со патиштата не можеш да достигнеш резултат. На пример ако треба до Гевгелија да стасам за 2 ипол саати, мора поспоро да возите и го продолжувам работното време на три, три ипол саати“, вели Георгиевски.

После велешката патарина, Благица Тодороска продава ѓевречиња. На лошиот пат се жалат и муштериите што застануваат, вели таа.

„Патот е катастрофа, а се наплаќа патарина, не знам што да кажам, стварно е катастрофа, за ништо не чини“, вели таа.

Слична е состојбата и со останатите автопати во земјава, барем тие што се изградени. Автопатот Скопје – Штип, иако најнов, е во многу лоша состојба, често има свлечишта, па една лента од патот е затворена, а од неодамна во функција беа пуштени две патарини, па со скопската, сега патот од Скопје до Штип ќе ве чини 160 денари во еден правец за пат од 47 километри.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не смета дека изградбата на автопатиштата е „приказна без крај“. Тој во интервју за Клик плус на ТВ 21 на 2 октомври рече дека има лоши, но има и добри примери, при изградбата на патишта.

„Многу ми е жал што трошиме време за веќе почнати проекти, да влеземе и да ги репроектираме и тогаш ш многу потешко се санираат грешките, заради тоа многу е важно проектирањето, дека кога ќе излезат машините на терен, тоа што го напишале проектанти, инженери, ќе функционира и на терен“, вели министерот.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ѝ забележува на власта дека не инвестира во инфраструктура.

„Автопатот Кичево – Охрид не е мрднат од мртва точка, состојбата е иста како што беше во време на ВМРО-ДПМНЕ. Буквално нема поместување. Со години го ветуваат автопатот Скопје – Блаце, а заглавија уште на првите неколку метри“, се наведува во соопштение на партијата од 27 септември.

Сегашната владејачка структура, пред да дојде на власт во 2016 најавуваше дека ќе изградат 600 километри патишта. Но, изградбата на нови автопати тапка во места, а споро оди и реконструкцијата на постојните. Најчеста причина е што пропаѓаат тендери и се губи време додека да се најде изведувач што ќе гради или ќе крпи дупки.

 

Радио Слободна Европа