Шведскиот генетичар Паабо е добитник на Нобеловата награда за физиологија или медицина

Добитникот на овогодинешната Нобелова награда за физиологија или медицина е шведскиот генетичар Сванте Паабо, соопшти денес Одборот за доделување награди, јавува Агенција Анадолија (АА).

Паабо го доби признанието за откритие на геномите на изумрените хоминини и човековата еволуција.

„Добитникот на Нобеловата награда за 2022 година Сванте Паабо откри дека дошло до трансфер на гени од изумрени хоминини на хомо сапиенс. Овој древен проток на гени до современите луѓе денес има физиолошка важност, на пример влијае на тоа како нашиот имунолошки систем реагира на инфекции, наведоа од Одборот.

Паабо е роден во 1955 година и специјализираше еволутивна генетика. Како еден од основачите на палеогенетиката, тој интензивно работел на геномот на неандерталецот.

„Неговите откритија даваат основа за истражување на она што нѐ прави луѓето единствени“, се вели во образложението на одлуката за доделување на наградата.

Нобеловата награда во оваа област ја доделува Шведската кралска академија, а вреди 10 милиони шведски круни (околу 915.000 евра).

Наградата за физиологија или медицина е првата Нобелова награда што се доделува оваа година. Во текот на неделата ќе бидат објавени и останатите лауреати.

Нобеловата награда се доделува секоја година за најголемите достигнувања кои придонеле за човештвото во текот на претходната година.

Во прашање се наградите за достигнувања во областа на физиологијата или медицината, физиката, хемијата, литературата, економијата и за придонес за мирот, што почнаа да се доделуваат пред 120 години во чест на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел (1833-1896).

Нобеловата награда за прв пат е доделена во 1901 година, а првично се доделуваше во пет области, а од 1968 година почна да се доделува и во областа на економијата.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).