Премиерот Димитар Ковачевски, денеска во рамки на работната посета на Прага, Чешка, учествуваше на самитот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) заедно со премиерите од редовите на социјалдемократски, социјалистички и демократски партии. На средбата меѓу другите, учествуваа и Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, како и поранешниот премиер на Грција и претседател на Сириза, Алексис Ципрас.
Средбата е во пресрет на првиот состанок на Европската политичка заедница, а на кој ќе се обрне посебно внимание на економско-енергетската криза и можностите за справување со последиците од истата.
На состанокот на кој присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, се дискутираше за важноста од негување на социјалдемократските вредности како темел на демократските општества.
Политиките кои ги носи оваа Влада, а се однесуваат на развој и унапредување на демократијата и слободата на граѓаните и обезбедување општество за сите, се суштински социјалдемократски, прогресивни политики насочени кон развој и напредок. Благодарение на посветената работа и прогресивните политики на оваа Влада, од заробена држава, Република Северна Македонија, прерасна во демократија која работи исклучиво во интерес на граѓаните и ги почитува нивните права и слободи.
Воедно, директен резултат на овие политики и поставеност е и исполнувањето на нашата стратешка цел, членство во НАТО, како и започнувањето на преговорите со ЕУ со што уште еднаш ги потврдивме нашите силни заложби дека сме на страната на мирот, стабилноста, добрососедските односи и економски раст и развој на државата со кои обезбедуваме подобар живот за сите.
Воедно, преку низа реформски процеси, но и интервентни и таргетирани мерки обезбедуваме и продолжуваме да обезбедуваме поддршка на најранливите граѓани во време на криза.
извор: ВЛАДА
фото: Влада