Еден сребрен и еден бронзен медал за Македонија на Балканската олимпијада по информатика 2022

Македонски средношколци – информатичари на 29. Балканска олимпијада по информатика БОИ 2022 што се одржува од 3 до 8 октомври во Букурешт, Романија, за програмирање се закитија со сребрен и бронзен медал.

Сребрениот медал за Македонија го освои Благојче Павлески од Прилеп, додека бронзениот медал го освои Тео Китановски од Скопје.

Дополнително, на паралелно организираниот РМИ-интернационален турнир кој вклучи 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји Благојче Павлески беше награден со златен медал, а Тео Китановски со бронзен.
Учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски, беа предводени од лидерите Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

По една година пауза и една година онлајн натпреварување, годинава БОИ се одржува регуларно, а главен организатор е Здружението за извонредност и изведба во информатиката (Society of Excellence and Performance in Informatics), заедно со Министерството за образование на Република Романија.

извор: МИА

фото: МИА