Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, денес во Будва порача дека карактеристиката на регионот на Западен Балкан е дека во целина „имаме конфронтација меѓу две гледишта за иднината на регионот“. Тој оцени дека состојбата на Балканот денес е полоша од онаа пред шест-седум години, известува Агенција Анадолија (АА).
Ѓукановиќ на претседателскиот панел со претседателот на Словенија, Борут Пахор, зборуваше за перспективите на Западен Балкан.
„По завршувањето на војната во БиХ, па до пред неколку години, имавме само еден вид евроентузијазам. По тој период, дојде до конфронтации. Еден е ентузијазмот кој ги поттикнуваше сите општествени структури на реформи, кои требаше да доведат до воведување на стандарди, благодарение на кои во блиска иднина би нè довеле до членство во ЕУ. Наспроти оваа политика, сега постои и силен фронт на отпор на оние кои се за статус кво и кои мислат дела ЕУ е гнила цивилизација и дека е подобро Балканот да остане на периферијата и да се смести под безбедносниот чадор на Русија“, рече Ѓукановиќ.
Тој истакна дека тоа го забележал и во Црна Гора.
„Последните шест-седум години, ние, на трагата на претходно лансираната теза за премореноста на ЕУ од проширување, имаме прво застој, па парализа на политиката за проширување. Во геополитиката нема вакуум, таму каде нема ЕУ, влегуваат други. Се кандидираа барем три земји да го пополнат тој вакуум, а најмалигна е хибридната политика на Русија кон Балканот“, нагласи Ѓукановиќ.
Претседателот на Црна Гора оцени дека состојбата на Балканот е полоша од онаа пред шест-седум години.
„Има две причини – прво е дека сме разочарани во западнобалканската јавност, сè помалку се оние кои веруваат во догледна иднина на ЕУ и за тоа сведочат информациите што ни ги соопштуваат лидерите во регионот. Од премиерот на Северна Македонија и претседателот на Србија чув дека европската политика повеќе нема мнозинска политика во тие земји“, рече Ѓукановиќ.
Тој наведе дека руското делување на просторот на Западен Балкан било многу малигно.
„Присуствуваме на сериозна европска девастација (уништување) на Западен Балкан. Во таков амбиент, имате побудување на националистичката политика. Претседателот на Русија, Владимир Путин, не делува специјално на Западен Балкан, тој делува против Западот. Путин ја поттикнува антиевропската политика на Западен Балкан“, посочи Ѓукановиќ.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).