По изјавата на Џамбаски: „Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, Ковачевски вели не знае кој е тој

Бугарија треба својата поддршка да ја насочува кон оние здруженија кои што градат мостови помеѓу нашите две држави. Постојат имиња кои што можат да зближуваат, кои што можат да бидат мост помеѓу двете држави и сметам дека сите треба да инвестираме во такви имиња кои што се покажале со своите активности во овој регион, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, објави Република . 

-Секоја држава финансира различни проекти кои што се однесуваат на граѓани кои се самоопределуваат како нивното доминантно население. И ние како Cеверна Македонија финансираме проекти во Албанија, во делот на Поградец и другите делови каде што живеат Македонци. Меѓутоа, сметам дека Бугарија треба својата поддршка да ја насочува кон оние здруженија кои што градат мостови помеѓу нашите две држави. Доколку се финансираат, а јас не знам кои здруженија се финансираат, ќе повторам третпат дека здруженија кои што носат имиња на личности од историјата кои штои ги повредуваат чувстата на Македонците, на Евреите, на Ромите, на Албанците и на сите други кои живеат тука, а кои во историјата се означени како личности кои се дел од најцрниот период на Европа, а тоа е фашизмот во Втората светска војна, сметам дека тоа не се личности кои што треба да бидат имиња на здруженија на граѓани, бидејќи ги повредуваат чувстата на граѓаните, рече Ковачевски, на новинарско прашање дали во духот на добрососедството би побарале од бугарската влада да ги прекине финансиите за здруженија со провокативни имиња за земјава како што е тоа на „Цар Борист Трети“ во Охрид.

Тој нагласи дека користењето вакви провокативни имиња е за осуда и не гради никакви пријателски односи помеѓу двете држави, туку напротив, при тоа ја издвои еврејската заедница која, рече, од една бројна респектирана заедница е сведена само на неколку членови на заедницата од потомците на тие што случајно се спасиле од Холокаустот.

Постојат имиња кои што можат да зближуваат, кои што можат да бидат мост помеѓу двете држави и сметам дека сите треба да инвестираме во такви имиња кои што се покажале и на полето на културата, на споротот и на полето на многу други активности кои што се одвивале во овој регион, рече Ковачевски потенцирајќи дека може да се разговара, и веќе разговарал за тоа дека треба да се градат мостови помеѓу државите и помеѓу граѓаните на двете држави, но не и за официјално барање во однос на буџетирање на процес во друга држава.

За изјавата на бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД Ангел Џамбаски околу тоа дека „Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, Ковачевски рече дека не знае кој е тој човек и не ја слушнал изјавата, а македонизмот вели секогаш ќе го има.

Македонизмот секогаш ќе го има затоа што Македонците се тие кои имаат своја историја, имаат свој идентитет. Ние зборуваме на македонски јазик, ние негуваме свои обичаи, своја култура и ние сме граѓани, народ кој што до 2030 година ќе ја збогати Европската унија со тоа што ќе станеме нејзина членка, рече Ковачевски.

извор: Република