Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервју за Нова Македонија потенцира дека во асномските документи се содржани темелите на формирањето и постоењето на македонската држава, но и историскиот континуитет за вековната борба на македонскиот народ за создавање своја слободна и независна држава.
„Ќе наведам само неколку реченици од тие историски документи. Во декларацијата донесена на заседанието на АСНОМ се вели дека: сите граѓани на Република Македонија се еднакви и рамноправни според законите, без разлика на нивната етничка, верска и национална припадност. Дали денес тоа е така? Дали законот е еднаков за сите, односно дали е правдата иста за сите? Во првото решение донесено на АСНОМ се вели дека официјален јазик во Р Македонија е македонскиот јазик и се прогласува за службен јазик. Дали денес македонскиот јазик е предмет на негирање на еден од нашите соседи и дали со потпис на актуелната влада се негирани македонскиот јазик и македонскиот идентитет? Во второто решение усвоено на АСНОМ се прогласува 2 Август (Илинденското востание) за народен и државен празник на македонскиот народ и македонската држава. Дали денес постојат обиди за заедничко чествување на Илинден и 2 Август од една наша соседна држава? Дали актуелната влада се согласи со едно такво заедничко празнување? Наведов само неколку суштински реченици од асномските документи и за истите тие поставив прашања“, истакнува Димитриевски и посочува дека сите ќе се согласат дека темелите на асномското заседание денес се загрозени, нарушени, не се почитуваат и не се во сила.
Димитриевски вели дека денеска повеќе од кога било се потребни сеопшто македонско обединување и одбрана на македонскиот јазик, идентитет, историја, култура и посебност.
„Исто како што нашите предци го правеле тоа за нас, ние им го должиме тоа на идните поколенија. Можеби историјата се повторува. Куманово и Прилеп во далечната 1941 г. биле први во своето револуционерно дејствување и во борбата за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Силно сум убеден дека повторно од Куманово и од Прилеп ќе почне сеопшто граѓанско движење, кое ќе ја врати Р Македонија на вистинскиот пат и ќе ја претвори во една достоинствена, модерна и европска држава“, изјавува Димитриевски.
Во однос на граѓанското здружение „За наше Куманово“, Димитриевски потенцира дека одлуката за тоа дали ќе прерасне во политички субјект сѐ уште не е донесена.
„Јас сум приврзаник на опцијата дека ова граѓанско здружение прераснува во едно државно, републичко граѓанско движење, во кое секојдневно се приклучуваат голем број индивидуалци од различни професии, од различна политичка провениенција, но и граѓани што воопшто не се политички определени, граѓани од различна етничка, верска и национална припадност. Граѓанското здружение „За наше Куманово“ на последните локални избори излезе со своја визија, понуда и програма пред граѓаните на Куманово и ја доби нивната доверба, извојувајќи убедлива победа пред партиите што се присутни на политичката сцена повеќе од 30 години. Оттука се поставува следното прашање: зошто тоа да не се преслика и на републичко ниво. Во овој момент кај граѓаните постои заситеност од постојните политички субјекти, а сѐ поизразени кај нив се желбата и мотивацијата да се приклучат кон едно ново движење што ќе биде „од граѓаните за граѓаните“. Иницијативата за вакво нешто не е моја, туку доаѓа од жителите на секоја општина одделно каде што се присутни навистина голема енергија, волја и идеи за напредок во државата и за подобар живот за граѓаните“, вели Димитриевски.
Во ваков политички амбиент кога во државата и кај граѓаните постои една зачмаеност, депресија и разочарување од политичката понуда, за Димитриевски и за неговиот тим се наметнува задачата да овозможат и да го артикулираат гласот на граѓаните т.е. да учествуваат на следните парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени, и сите заедно да извојуваат голема победа.
„Ќе се обратиме до сите, без разлика на нивната партиска и етничка припадност, и очекувам да се приклучат сите оние што сакаат да припаѓаат на еден концепт за чесно, одговорно и домаќинско работење. Очекувам да се приклучат сите граѓани што сакаат да ја видат Македонија без корупција и криминал, Македонија со дефинирани, патриотски и национални политики, Македонија во која ветените проекти ќе се исполнуваат, Македонија на солидарност и соживот и Македонија во која главниот збор ќе го имаат граѓаните, а не партиските поединци. Куманово е вистински пример дека сѐ уште постои надеж за подобро утре. Граѓаните на Куманово докажаа дека се самомислечки личности што не подлегнаа на партиските притисоци, самостојно одлучија и се изборија за сопствената судбина. На мирен и достоинствен начин ја одбраа опцијата, а со тоа и својата иднина во заедницата во која живеат. Граѓаните на Куманово одбраа искрени и вистински реално остварливи проекти, а не празни ветувања. Граѓаните на Куманово се определија за програмата на граѓанското здружение „За наше Куманово“ и со тоа јасно покажаа еден револуционерен пристап, но го изразија и својот став за тоа какво Куманово сакаат понатаму. Уверен сум дека сите граѓани во Македонија го носат тој дух во себе, бараат правда и еднаквост и ќе успееме заедно по примерот на Куманово да им ја вратиме државата на граѓаните, бидејќи истата таа во моментов е узурпирана од поединци“, истакнува Димитриевски.
фото: Архива