Дојава дека ќе биде поставена бомба во автобус на ЈСП „„Скопје“ стигнала по електронската адреса на претпријатието. Па поради тоа од сообраќај се повлечени сите автобуси.
Од претпријатието за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека доцна синоќа добиле заканувачки меил и утрово веднаш штом бил виден сите автобуси се повлечени од сообраќај и случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи.
Низ главниот град од утрово на улиците е хаос. Патници со саати чекаат автобуси на станиците и не можат да стигнат на работните места. Единствено возат приватните превозници, но тие покриваат само неколку линии.
ВЛАДАТА Е КРИВА, АКО НЕ НИ ДАДЕ ПАРИ УТРЕ ЌЕ НЕМА АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛАТ ОД ГРАДОТ
Градоначалничката Данела Арсовска најави дека денеска ќе ги паркираат автобусите пред Влада и ќе штрајкуваат бидејќи не им биле префрлени пари за ученички и студентски билети и затоа не можело да се подели плата на вработените. Владата вчера кажа дека во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година студентите не посетуваа настава со физичко присуство и затоа не се предвидени пари за карти. Владата смета дека ваквата состојба во која е ЈСП и најавата дека во Скопје ќе нема јавен превоз е показател оти општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.
Ден претходно шоферите на ЈСП најавија дека нема да возат додека Арсовска не им обезбеди пари за плати за сите месеци до крајот на годинава.
sdk.mk