Сите граѓани од денеска во реално време ќе можат да ги проверуваат превозниците во патниот сообраќај дали поседуваат лиценци и сите неправилности да ги пријавуваат до надлежните органи.
Ова е овзоможено со новиот јавен сервис http://etransport.mtc.gov.mk, кој денеска го презентираа министерот за транспорт и врски, Благој Бочвaрски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, директорката на Царинската управа, Славица Кутиров и директорот на Државниот транспортен инспекторат, Гајур Рушити.
Проверката се однесува само за превозниците кои вршат превоз на патници во меѓуопштинскиот и меѓународниот сообраќај. Пребарувањето и контролата може да се изврши преку впишување на името на компанијата или по бројот на регистарски таблички.
„Граѓаните заедно со државните институции ќе можат да бидат рамноправен контролор на терен. Ова го правиме за да го подобриме системот на контрола и да овозможиме подобар, побрз и поефикасен транспорт. Заеднички ја изработивме веб платформата etransport.mtc.gov.mk, за да го подигнеме нивото на услуги за граѓаните и да се избориме против оние кои се дрзнуваат да фалисфикуваат документите. Превозот мора да биде на виско ниво”, – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Институциите ги потпишаа и договорите за соработка со што се овозможува меѓусебна размена на податоци како една значајна системска мерка за поефикасна контрола во патничкиот и товарниот транспорт.
„За нас како Министерството за внатрешни работи секоја нова иницијатива што има за цел стриктно почитување на законите, и поголема сигурност и безбедност на граѓаните, е добредојдена, и безусловно прифатлива. Како дополнителен аргумент во институционалната решителност за севкупно подобрување на нормативните и други стандарди во патничкиот транспорт и транспортот на стоки, е и денешнава промоција на веб страницата www.etransport.mtc.gov.mk, не само како логичен туку и логистички инструмент на потпишаниот Договор за соработка, туку и во контекст на приоритетните заложби на Владата на Република Северна Македонија и на министерствата за транспарентно, отчетно и одговорно работење, кое што целосно и во континуитет ќе биде ставено на увид на граѓаните“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Во текот на оваа година, Царинската управа заедно со Министерството за транспорт и врски интензивно работеше на надградба на системите на двете институции и нивно поврзување преку платформата за интероперабилност. Како резултат на овој развој, креирани се нови сервиси кои на царинските службеници на граничните премини им овозможуваат во реално време да вршат проверка на веродостојноста на приложените документи, односно на изводот од лиценца за возилата и сертификатите на возачите, дирекно во базите на податоци во системите на Министерството за транспорт и врски.
Поврзувањето на двете институции и користењето на овој сервис, претставува голем чекор напред кон спречување на нелегални активности на сите учесници во прекуграничниот сообраќај“, изјави директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
„Со овој електронски пристап Државниот инспекторат за транспорт ќе добие една многу важна алатка која ќе придонесе за поефикасно, подобро и поквалитетно вршење на инспекцискиот надзор, при што инспекциските надзори ќе бидат со пократко време на траење на цела територија на државата. Едноставно со овој договор граѓаните ќе бидат поинформирани и нема да се чека на контролните пунктови за тоа дали превозниците поседуваат или не поседуваат соодветни лиценци за вршење н превоз на патници и стока“, изјави директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Гајур Рушити.
извор: Влада
фото: Влада