Ковачевски на Првиот национален саем за храна и пијалаци: Зголемено производство на домашна храна е приоритет, нашата храна и вино се нашето најголемо богатство

Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати на  Првиот национален саем за храна и пијалаци – „Вкуси ја традицијата“ во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Слоу Фуд“ Македонија. За прв пат се организира Саем од ваков обем со учество на 40 здруженија и над 200 изложувачи на вкусна храна и пијалаци.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека Владата силно ги поддржува овие манифестации, а целта е една, заедно да го презентираме богатството  на вкусови на најголемиот настан кај нас, посветен на македонското земјоделство и гастрономијата.

„Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја. Богатство на вкусови, мириси, бои, богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и Владината поддршка, се многу важни. Ние сме најсончевата земја, ја имаме таа среќа цели 280 денови во годината оваа земја да се грее на топлото јужно сонце. Сонце под кое растат многу специфични, автохтони македонски сорти грозје, од кое се прави најубавото македонско вино. Сето ова кое денес го гледаме и кое ќе имаме можност да го вкусиме, сето ова ние имаме неверојатна можност да ни е секојдневие, и за тоа, сме исклучително благодарни. Јас знам, дека јас сум благодарен. Ова богатство го нема никаде на друго место.

Затоа денес ние гордо можеме да кажеме дека ова не е само чаша вино, или само јаболко, или само пита или само сирење. Ова пред нас е посветената работа на сите искусни производители, ова е љубов кон земјата, љубов кон работата, ова е вкусот на животот и вкусот на традицијата“, рече Ковачевски и подвлече дека со низа мерки, субвенции и програми се мотивираат земјоделците да произведат повеќе храна.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски во своето обраќање ја истакна важноста на саемот.

„Би сакал преку денешниов саем – „Вкуси ја традицијата“, да ја испратам клучната порака, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот. Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект“, рече Николовски.

Николче Николовски претставник на „Слоу Фуд“ Македонија рече дека овој Саем треба да прерасне во традиција.

„Денешниов ден е историски ден за организациите и здруженијата кои работат во областа на земјоделството и производството на храна и за малите производители кои прв пат, здружени заедно, ги презентираат автентичните вкусови на македонското земјоделство и гастрономија. Овој настан е почетна точка во здружените напори да се зачуваат традициите, бројните автентични производи и рецепти, како и руралните средини во кои произведуваат малите производители“, рече Николовски.

 

извор: Влада

фото: Влада