Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој штотуку пристигна на Меѓународниот аеродром Скопје.
„Моја е честа да му посакам срдечно добредојде на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер!
Првата официјална посета на претседателот Штајнмајер, после само четири месеци од почетокот на пристапните преговори е јасен сигнал за позициите на Германија за интеграцијата на регионот во ЕУ и за континуираната поддршка која Македонија ја има за пристапување во Унијата.
Ќе имаме доволно време да отвориме важни теми за регионот, за унапредување на меѓусебната соработка и за предизвиците со кои се соочува цела Европа“, напиша вицепремиерот за европски прашања Маричиќ на својот Фејсбук профил.
Ова е прва официјална посета на Штајнмајер на Република Македонија, во чии рамки ќе оствари средби со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, а ќе има и свое обраќање и во Парламентот.
Штајнмаер после дводневна официјална посета на Република Македонија продолжува во посета на соседна Албанија.