Последните жртви на напад од кучиња скитници во Струга се во добра состојба и пуштени на домашно лекување. Но, и двете пациентки се здобиле со сериозни повреди,
„Повозрасната пациентка е касната од куче скитник примена е и со набиеница на главата, бидејќи паднала и ја повредила главата за време на настанот.Извршен е соодветен третман и е упатена на консултација со неврохирург во костозглобната болница Св.Еразмо. 10 годишното девојче е примено со рана на кожата на десната страна на грбот нанесена од куче скитник.Раната е соодветно третирана, препишана е таблетарна терапија,пациентката е пуштена дома со препорака контрола по потреба. – велат од струшката болница.
Од полицијата денеска информираа дека човекот кој се сомничи за масакрот на 10ината кучиња дал исказ, но мотивите за постапката не ги откриваат велат ќе ги каже на суд, иако во јавноста се шпекулира дека неговата сопруга и дете биле едни од досегашните жртви на напад од бездомни кучиња.
Настаните во Струга ја поделија јавноста. Коментари на социјалните мрежи споделуваат и граѓаните. Здруженијата за заштита на животни се категорични дека бездомните кучиња треба соодветно да се згрижат во стационари, тие велат дека имаат и идеи кои ќе ги споделат со надлежните се разбира доколку имаат желба да го решат проблемот, но и да издвојат средства. Има и такви граѓани кои го оправдуваат убиството на кучињата. Тие коментираат дека ова е единствениот начин да се справат со овој проблем затоа што им е страв да се движат по улиците.
Додека „копјата“ се кршат по социјалните мрежи градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, град во кој во два дена имаше два напади од бездомни кучиња одговарајќи им на здружението Animal Voice кои повикаа на протест пред Владата, затоа што, според нив, градоначалникот шерифува наместо да решава проблеми, вели:
-Никој нема да ги убива и труе кучињата.
Мерко директно им кажал дека тој лично ќе излезе на улица и ќе ги убива кучињата, по што тие пријавиле во полиција.
„Јас дома не чувам кучиња. Што ќе ми се кучиња, кога имам шест внучиња? Тие кои решиле да ги чуваат, треба тоа да го прават одговорно, а пак државата да поработи на измена на законите од оваа област“, вели градоначалникот Мерко во изјава за Фокус.
Премиерот пак денеска одговарајќи на новинарско прашање за овој проблем истакна дека Владата ќе бара помош од Брисел, преку ИПАРД програмите да се изгради стационар за бездомните кучиња. Ковачевски дополни, се работи за проблем под ингеренции на локалните власти.
Притоа, тој нагласи дека проблемот е голем, и дополни дека не се работи за тоа дали градоначалниците имаат моќ или не, туку дали имаат фокус, посветеност и волја да се справат со проблемите.
Додека граѓаните се караат, надлежните си ја префрлаат топката и никој не ја прифаќа одговорноста, Стружани и вечерва се плашат да излезат на улица. VOX Струга предмалку објави видео како е вечерва во Струга.
видео: VOX Струга