Вака изгледа животот на руските туристи на Маргарита, остров во југоисточниот дел на Карипското Море кој заедно со островите Коче и Кубагва ја формираат венецуелската сојузна држава Нуево Еспарта, пишува АФП.
Маргарита е тропски скапоцен камен со бели плажи и тиркизно море. Политичките турбуленции во Венецуела ги избркаа повеќето туристи и Западот генерално го смета за непожелна дестинација.
Затоа во неа се насобраа руски туристи кои не можат слободно да патуваат поради војната во Украина и разните ограничувања. „Русите немаат многу дестинации на располагање во моментов. Тешко е да се најдат места за летување“, вели 39-годишната Екатерина Долгова, продавачка на медицински материјали.
Таа е единствениот член од групата руски туристи кои неодамна ја посетија Маргарита кои сакаа да кажат нешто за руската инвазија на Украина која трае од крајот на февруари. „Војната е дефинитивно најлошата работа“, кратко рече таа. Другите Руси или се плашат дека појавувањето во медиумите може скапо да ги чини или го поддржуваат својот претседател Владимир Путин.
Приближно 3.000 руски туристи ја посетиле Маргарита во последните два месеци. Поради војната, авионите на руската авиокомпанија Норвинд ерлајнс не летаа на линијата Москва-Маргарита, но таа беше повторно отворена на 2 октомври 2022 година. Мора да се признае, Норвинд се прилагодил за да го избегне воздушниот простор каде што руските авиони не смеат да влезат поради санкции. Летот од Москва до Маргарита денеска трае 14 часа.
Туристот Сергеј Кач изјавил дека платил 3500 долари за 12-дневен аранжман на Маргарита.
До меѓународниот аеродром на Маргарита има табла на која пишува „Добредојдовте“ на руски, а туристите имаат на располагање преведувачи и други неопходни услуги. Не ги напуштаат хотелите без водич. Долгова рече дека дошла во Венецуела откако се откажала од патувањето во Египет. Таа веќе била таму двапати, а вели дека Египќаните по војната во Украина поинаку гледаат на Русите.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро верува дека туризмот може да ѝ помогне на неговата земја да се опорави од хиперинфлацијата. Мадуро потпиша договор со Русија до крајот на оваа година да прими околу 100.000 руски туристи.
Вивиана Ветенкур, претседател на туристичкиот одбор на Маргарита, рече дека зголемувањето на сообраќајот имало влијание врз економијата на островот. Таа нема конкретни бројки, но тврди дека е видлив напредокот. Дилерот на накит и костими за капење Начарид изјавил дека има сообраќај, но не како досега. Тогаш плажите беа полни со Европејци и Американци. „(Русите) се ценкаат“, се пожали таа, а потоа продаде еден од нејзините предмети на Русин по половина цена.
kanal5.com