Вкупно 585 ученици и студенти во Бангладеш извршија самоубиство во 2022 година, се вели во извештајот објавен вчера во Дака, главниот град на Бангладеш, известува Агенција Анадолија (АА).
„Самоубиството е името на тивкиот паразит во општеството. Секој ден ги обзема младите со своите смртоносни пипала“, се вели во извештајот на младинската фондација „Ахол“ во истражувањето подготвено врз основа на извештаите на медиумите.
Во извештајот се подвлекува дека бројката на самоубиства се зголемува „со заразна стапка меѓу учениците на сите академски нивоа“, од оние што одат во средните училишта до студентите.
Се истакнува дека алармантна е бројката на самоубиства во земјата.
Истражувањето покажа дека одделот во Дака, со 23,77 отсто, има најголем број ученици и студенти кои извршиле самоубиство.
Следува јужниот пристаништен град Читагонг со 17,27 отсто.
Според родово базираната анализа, со 60,15 отсто, поголем е бројот на жени кои извршиле самоубиство.
Најголем број самоубиства извршиле учениците на возраст од 13 до 19 години.
Меѓу неколкуте причини за самоубиство се наведуваат емотивната повреденост, љубовни врски, недоразбирања во семејството, депресија, психолошки проблеми, финансиски проблеми, вознемирување и силување или сексуално вознемирување.
Во некои случаи причините за самоубиствата не се познати, се наведува во истражувањето.
Со цел да се сузбијат самоубиствата и да се подигне свеста меѓу студентите, анкетата препорачува отворање на оддели за психолошка прва помош во образовните институции.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото:Агенција Анадолија (АА).