Ковачевски-Абазовиќ: Северна Македонија и Црна Гора се пријателски земји, без отворени прашања

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ во рамките на Економскиот форум, кој денеска се одржува во Скопје, една од најголемите регионални средби, во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.

На средбата, двајцата премиери разговараа за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Црна Гора, за кои заеднички беше констатирано дека се во континуитет  пријателски и без отворени прашања.

Ковачевски и Абазовиќ разменија мислења околу понатамошното продлабочување на досегашната соработка, базирана на традиционално пријателство и силно стратешко партнерство. Во таа насока, се планира детектирање на области каде што има простор за јакнење на билатералната соработка.

Воедно, беше разговарано и за можностите за продлабочување на економската соработка во повеќе сектори, трговската размена и заеднички настап на трети пазари.

Премиерите на Северна Македонија и Црна Гора, Ковачевски и Абазовиќ ја потенцираа успешната соработка во рамките на НАТО. Премиерот Ковачевски му честиташе на црногорскиот колега, Абазовиќ за успешното претседавање на Црна Гора со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, за што беа пренесени искуства пред претстојното преземање на претседателството од Северна Македонија од јули 2023 година.

Извор: Влада