Вчера околу 14:25 часот се случи верижен судир во Унгарија на 26. километар од автопатската делница М1, во правец што води од Будимпешта. Се судриле 32 патнички автомобили, пет комбиња и пет камиони. Се запалиле 19 автомобили, комбе и камион, а во несреќата загинало најмалку едно лице.
Несреќата ја снимила камера од еден од камионите кои учествувале во неа, пренесува Index.hu. Според податоците на Управата за справување со катастрофи, во акцијата за спасување и гаснење пожари учествувале вкупно седумдесет пожарникари од седум градови. Веднаш биле подигнати четири спасувачки хеликоптери.
Телото на починатиот е пронајдено под остатоците од автомобилот
Во една од најтешките сообраќајни несреќи во историјата на Унгарија, едно лице загина, а 39 се тешко повредени. Две лица се во животна опасност, додека 12 лица (четири деца и осум возрасни) се здобиле со тешки физички повреди. На објавеното видео од несреќата може да се види како камион Scania вози со брзина од 90 km/h и удира во низата автомобили пред него.
Неколку коментатори забележале дека возачот не ја намалил брзината во моментите пред ударот, а се претпоставува дека не ја забележал колоната пред себе поради големиот облак од прашина. Телото на починатиот 44-годишен маж е пронајдено под урнатините на изгорениот автомобил.
Полициската управа во Будимпешта (БРФК) соопшти дека ги истражува сите околности на инцидентот. Сообраќајот на тој дел од автопатот и денеска се одвива отежнато поради рехабилитационите работи произлезени од вчерашната несреќа.
index.hr