Спасовски: Очекувам во текот на денот да биде расчистен инцидентот во Бутел

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со синоќешниот инцидент во Бутел во кој меѓу нападнатите има и полициски службеник, изјави дека се приведени две лица, а се трага по уште тројца.

„Има лица кои со другото возило практично го напуштиле лице местото. Очекувам дека наскоро и тие ќе бидат приведени кон лицето на правдата“, рече Спасовски, на прес-конференција и додаде дека очекува до крајот на денов да завршат сите активности во однос на расчистување на овој случај.

Спасовски вели дека според првичните проценки нема поврзаност на овој со случајот со двојното убиство во старата скопска чаршија што се случи пред неколку дена, но оти треба да се почека истрагата целосно да заврши.

„Мотивите се криминални пресметки на одредени структури, секако дека подетално за мотивите ќе кажеме на крајот од истрагата. Меѓутоа тоа ќе биде во фаза кога ќе бидат прибрани сите докази и кога ќе можеме да соопштиме во јавноста“, одговори Спасовски.

Синоќа повеќе напаѓачи со две возила попречиле пат на тројца скопјани меѓу кои полицаец кој не бил на смена и физички ги нападнале. Како предупредување полицаецот извадил пиштол и испукал во воздух неколку куршуми. Инцидентот се случил на улица Карпош во Скопје во близина на клучката за Радишани. Претходно, на 06 март двајца мажи беа убиени, во вооружена престрелка во кафе бар во Старата скопска чаршија.

извор: slobodnaevropa.mk